Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ на 27 февруари ќе одржи свечен концерт во Македонскиот народен театар, посветен на ликот и делото на прерано починатиот играорец Симеон Чулев, под насловот „Чекори што не згаснуваат“.
Настанот ќе биде емоционална и уметничка почит кон човекот кој не беше само дел од ансамблот, туку и дел од неговата душа. Колегите и пријателите на Чулев велат дека играорците никогаш не заминуваат засекогаш – тие само го менуваат ритамот, а токму таков беше и Симеон: присутен во секое оро, секој чекор и секое искрено „аирлија“ зад сцената.
Со својата посветеност, ведар дух и безрезервна љубов кон македонската традиција, Чулев остави силна трага во ансамблот „Танец“, но и во пошироката културна јавност. Концертот ќе понуди емотивна музичко-сценска ретроспектива, како потсетник на вредностите што ги живееше и ги пренесуваше преку играта.
Настанот ќе се одржи во:
- Датум: 27 февруари 2026 (петок)
- Време: 19:30 часот
- Локација: Македонски народен театар – Скопје
Билетите се достапни на билетарата на МНТ, секој работен ден, како и пред почетокот на настанот, а може да се купат и онлајн преку официјалниот систем за продажба на билети на МНТ.
Со „Чекори што не згаснуваат“, „Танец“ уште еднаш потврдува дека традицијата не е само минато, туку жива емоција што продолжува да чекори – дури и кога оние што ја носеле веќе не се меѓу нас.