Меѓународната конференција на ОН за решавање на израелско-палестинскиот конфликт преку создавање две држави заврши, при што 17 земји повикаа на крај на владеењето на Хамас во Појасот Газа и на конкретни акции за прекин на војната.
На форумот, свикан од Генералното собрание на ОН и копретседател на Париз и Ријад во седиштето на светската организација во Њујорк, присуствуваа десетици министри од голем број земји.
-Се согласивме да преземеме колективни акции за прекин на војната во Газа со цел да постигнеме праведно, мирно и трајно решавање на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на ефикасно спроведување на решението за две држави, се вели во завршната декларација на конференцијата.
Документот од седум страници ги осудува нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кои го предизвикаа конфликтот во Газа, а исто така наведува дека палестинската група мора да го предаде своето оружје на Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег.
Во декларацијата, исто така, се осудуваат „нападите на Израел врз цивилното население во Газа и цивилната инфраструктура, опсадата и гладувањето, што доведоа до катастрофална хуманитарна катастрофа“. Документот ја повикува израелската војска да ги повлече своите сили од Газа и да ги запре израелските доселеници на окупираниот Западен Брег.
Потписниците, исто така, изразуваат поддршка за формирање на сили на ОН за да помогнат во воспоставувањето стабилност во регионот.
Велика Британија, Франција, Канада, Норвешка и Ирска се меѓу земјите што ја потпишаа конечната декларација. Текстот беше поддржан и од Саудиска Арабија и Јордан, како и од Египет и Катар, кои дејствуваат како посредници меѓу Израел и Хамас за склучување договор за прекин на огнот.
Декларацијата мора официјално да биде усвоена од ОН до септември, а дотогаш веројатно ќе биде потпишана и од други земји, забележува ДПА.
Очекувањата за конференцијата не беа големи поради отсуството на Израел и САД.