Коопман: Албанија и Црна Гора најбрзи, Македонија селективна во реформите

Во Брисел, пораката денес беше јасна и непријатна за земјите што со години ја претвораат европската агенда во внатрешна политичка реторика. Герт Јан коопман, комесар во Европската комисија за проширување и соседство, пред европратениците кажа дека Албанија и Црна Гора засега покажале најдобри резултати во исполнување на критериумите за повлекување средства од ЕУ Планот за раст за Западен Балкан, додека Србија и Северна Македонија „реформите ги спроведувале поселектично“, што се одразило со пониски резултати.

Пораката не беше само споредба, туку и јавно потсетување на правилото што Брисел сега го повторува без дипломатски украси: исплатите зависат исклучиво од реализацијата на чекорите од реформските агенди, вклучително и реформите во владеењето на правото. Во превод, „пријателскиот тон“ не носи пари, туку мерливи потези – закони, институционални промени и спроведување што може да се провери.

Кoopman посочи дека 2025 била клучна година за имплементацијата на Планот за раст и дека досега се исплатени околу 453 милиони евра за партнерите од регионот. Според него, околу 85 проценти од мерките предвидени до декември 2025 се во тек, а 38 проценти се целосно исполнети – резултат што го оцени како „добар“, но со јасни разлики меѓу државите.

Токму тие разлики ја ставаат Северна Македонија во незгодна позиција. Наместо приказната за „блокади“ и „надворешни пречки“, во Брисел денес се зборуваше за темпо и избор на приоритети. Во истото обраќање беше наведено дека Европската комисија досега оценила оти Албанија реализирала 21 реформа, Црна Гора 12, а Северна Македонија 6. Формулацијата „селективно“ сугерира дека дел од тешките точки – особено оние што ја допираат правдата, контролата и интегритетот – се третираат како политички ризик дома, па затоа се одложуваат или се „пакуваат“ во побезбедни, социјално-економски чекори.

Слична оценка доби и Србија. На прашања од европратеници за владеењето на правото и состојбата на демократијата, Кoopman оцени дека критериумите за добивање средства се „многу јасни“ и дека Србија реализирала малку чекори од реформската агенда токму во делот на владеење на правото, додека спроведените мерки главно припаѓале на социјално-економскиот домен. Во таа рамка, како контекст беше споменато и дека Комисијата оваа недела решила да ѝ стави на располагање на Србија 57 милиони евра како прва рата од Планот за раст, врз основа на реформи од втората половина на 2024, при што медиумите во Србија наведоа дека од седум планирани чекори биле реализирани три.

Најдалеку од парите, според истиот преглед, останале Косово и Босна и Херцеговина, кои поради внатрешни тешкотии сè уште не добиле предфинансирање. Тоа ја заокружува сликата на Планот за раст како нова „сметководствена“ политика на проширувањето: државите може да зборуваат колку сакаат за Европа, но Брисел ќе мери колку од агендата е претворено во спроведени чекори – и ќе плаќа само таму каде што бројките го покриваат говорот.

Зачлени се на нашиот е-билтен