Европската комисија денеска го објави Извештајот за проширување 2025 – документ што ја мери годишната траекторија на кандидатите и партнери кон Унијата. Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека високите амбиции мора да се претворат во мерливи реформи и дека „следната година ќе биде момент на вистината“ за државите со храбри рокови. Извештајот ги бележи како најпозитивни приказни напредокот на Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, со акцент на владеење на правото и антикорупција како клучни критериуми.
Комисијата оцени дека Црна Гора е најнапреден кандидат, а Албанија постигнува „невиден напредок“ со отворање и работа по кластери. Украина и Молдавија – и покрај воени и хибридни притисоци – одржуваат реформска динамика, но со јасно предупредување: мора да се засилат резултатите во владеење на правото и антикорупција.
Спротивно од ова, Србија бележи забавување на реформите, со барање за итни поместувања во изборната рамка, судството и основните права. За Грузија оценката е најстрога – „сериозно демократско уназадување“ што ја остава државата кандидат „само на хартија“, со повик властите итно да го сменат курсот.
Во истиот пакет стои дека земјава сè уште не ги спровела потребните уставни измени за реално отворање на пристапните поглавја. Пораката од Брисел останува конзистентна со порано искажаните ставови на високата претставничка Кaja Калас: да се донесат „епохални“ одлуки што ќе ја одмрзнат европската траекторија.
Паралелно, ЕУ најавува и „внатрешна подготовка“ за ново проширување: посилни заштитни клаузули во идните договори за пристапување, за да се спречат назадувања по членството, како и поактивна комуникација со јавностите за придобивките и цената на интеграцијата. Со други зборови – проширувањето ќе остане мерит-базиран процес, но и тест за самата Унија да биде подготвена да прими нови членки без да го ослаби сопствениот капацитет.
Политичката нишка на денот ја заокружи заедничкиот настап на Кос и Калас: геополитичката потреба од проширување е неспорна, но успехот зависи од квалитетот на реформите и нивната издржливост во пракса.

