„Универзаланата сала сѐ уште е под надлежност на Град Скопје. Се надевам дека одложувањето на предавањето на правото на реконструкција на Министерството за култура, не е предмет на политички пазар, но Универзална сала не е предадена на Министерство за култура, односно сѐ уште не е спроведена Одлуката на Советот на Град Скопје која е донесена пред два месеци. Комуникацијата е на техничко ниво при што оттаму понудија видоизменет договор кој што се коси со Одлуката, во која се вели дека правото на реконструкција се пренесува на Министерството за култура, и дека по завршување на реконструкцијата, Министерството ќе го врати објектот на Градот“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вечерашното издание на „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за култура го видоизмени понудениот договор од Градот Скопје, и дека се чека одговор. Таа изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор на Минситерството со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен, и дека граѓаните на Скопје, на државата и културната јавност ќе го добијат толку потребниот објект.
„Културата одамна е излезена од политиката и особено тоа може да се види дека се случува последните неколку години, со тоа што културата е слободна да делува, да твори, односно културните работници се слободни да делуваат, онака како што сакаат“, рече министерката за култура.
За состојбата со објектот на Македонскиот народен театар, Костадиновска-Стојчевска рече дека е тоа посебна приказна, зашто дури пред една година Министерството за култура успеа да ја добие техничка документација.
„Она што како Министерство ни отежнува во тоа каде точно треба да интервенираме, за да не ги немаме истите проблеми при секој дожд е тоа што ниту една од фирмите кои што го граделе МНТ веќе не постојат. Сите се под стечај. МНТ е национална установа која со својата важност не ни дозволува да ја затвориме и да ја дислоцираме. Секоја година и преку Годишната програма и интервентно вложуваме во одржување на објектот кој е пуштен во употреба пред помалку од 10 години, а веќе се руинира“, нагласи министерката.
На прашањето околу пропаѓањето на Поштата, која беше опожарена во 2013 година, и е прогласена за европско културно наследство, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека ја поддржува иницијативата на Европската куќа за актуелизација на ова прашање.
„Тешко воспоставуваме соработка со АД Пошта, очекуваме и апелираме Управниот одбор да ја донесе потребната одлука и да овозможи реконструкција на Шалтер салата за да го искористиме грантот на Европската инвестициона банка за обновување на овој простор кој е од непроценливо значење за културата на нашата држава“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.