Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: „Синедејс“ на плус 40 степени на скопскиот асфалт, беше како извор на пријатна свежина

Со македонската премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски, во Младинскиот културен центар заврши 22 – то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (CINEDAYS).

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на завршната церемонија на фестивалот, го истакна творечкиот и уметнички потенцијал на врвните македонски и европски авторски филмски остварувања.

− Во изминатите шест дена, секој прикажан и изгледан филм беше достоен за почит, а секој доловен восхит од страна на филмската публика претставува доказ дека заеднички продолжуваме да ја раскажуваме дводецениската приказна насловена „Синедејс“. И, навистина, „Филмските вечери“ во жешкиот јули, на плус 40 степени на скопскиот асфалт, беа како извор на пријатна свежина за над 5 000 посетители, филмски работници, режисери, продуценти, сниматели, музичари, студенти или едноставно, само љубители на филмската уметност, рече Костадиновска- Стојчевска.

Таа нагласи дека Министерството за култура уште од самите почетоци го поддржува Младинскиот културен центар, а со тоа и „Синедејс“ како фестивал, кој од неговиот почеток беше од ревијален карактер и со текот на времето успеа да се искачи и да прерасне во сериозен фестивал на европски филм со натпреварувачки карактер.

− Преку „Синедејс“, Скопје може да се гордее со одлична филмска атмосфера, која не е помалку привлечна од европските кинематографски метрополи. Благодарност до целата екипа на Фестивалот што се потруди секоја година да има македонски филмови на отворањето и на затворањето. Затоа, честитки и до екипите на новите македонски филмови: „М“ на Вардан Тозија и „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, изјави министерката за култура.

Таа изрази уверување дека Фестивалот на европски филм в година ќе блесне во уште поголем сјај бидејќи, генерации и генерации млади луѓе пораснаа со него и културно се оформија како личности.

– Им пожелувам да продолжат да гледаат или да снимаат македонски филмови и филмот засекогаш да им остане нивна животна пасија, определба и водилка, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Беа врачени и годинашните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба, кои ги доделуваше жири-комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер. На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател, Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.

Зачлени се на нашиот е-билтен