Со доделувањето на наградите и премиерата на „Бизнисот на задоволството“ затворен 22. „CINEDAYS“

Со проекцијата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, синоќа заврши 22-от Меѓународен фестивал на европски филм „CINEDAYS“.

Под слоганот „Муви најт“ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени простори за проекција на филмовите, но со посетеност од повеќе од 5000 вљубеници на европскиот филм.

-Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни Кански премиери, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности, вели Маргарита Арсова, координаторка на „CINEDAYS“.

Годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба ги додели жири комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер.

Добитници на наградите се: „Обичните“ на Софи Линенбаум – Златна ѕвезда за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија за „Тајмаут“ на Ев Душман, Сина ѕвезда за најдобро сценарио за „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски. Специјално признание за најдобра изведба доби Марија Васкез за улогата во дебитантскиот филм на Алваро Гагос, „Матријарх“.

„Обичните“

Во SEE (South Eastern Europa) селекцијата, Златно сонце за најдобар филм доби „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи.

На фестивалот беа доделени и наградите на филмската критика во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција. Нив ги доделуваше жирито во состав: Влатко Галевски, претседател, Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.

„Лери“

-Истакнувајќи ја исклучително квалитетната годинашната програмска селекција во официјалната натпреварувачка категорија, жирито едногласно донесе одлука, Наградата на филмската критика да му биде доделена на унгарскиот филм „Лери“ (Larry) на сценаристот и режисер Шилард Бернат. Оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родово насилство и созревањето на главниот лик, комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуелизација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хип-хопот.

„Шоља кафе и нови чевли“

Во програмата филмови од Југоисточна Европа во која доминираа личните судбини на протагонистите, за најдобар филм жирито едногласно го прогласи албанскиот филм „Шоља кафе и нови чевли“ на сценаристот и режисер Гентиан Кочи. Оваа приказна на извонредно суптилен начин ја доловува интимната драма и трагична судбина на браќата близнаци. Публиката е емотивно вовлечена во трагичната судбина на главните ликови, а наративот и визуелната постапка се во мајсторски изведена синергија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира