„Вистината е дека нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка. Ова не го вели Владата, не го велам јас – го вели Европската Унија“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање пред Комисијата за уставни прашања во Собранието.
Тој додаде дека добрососедските односи се дел од сите пристапни процеси, бидејки интерес на Унијата е да има добрососедски односи, заради стабилноста и економијата.
„И затоа при сите досегашни пристапни преговори, прогресот на државите аспирантки се оценувал и според добрососедските односи и според реформите. Така е со нас и досега, како земја кандидатка, при оценките во извештаите на Европската комисија за постигнатиот напредок. Но, добрососедските односи се друго. Тоа е сосема одвоено од билатерални прашања, како што се историјата и идентитетот“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека искуствата на земјите членки покажуваат дека идентитетот во пристапните преговори само се потврдува и зајакнува, а фокус на преговорите се реформите во борбата со корупцијата, правосудството, владеењето на правото, екологијата, економијата.
„И повторно, ова не го вели Владата, туку го велат нашите сојузници и партнери од ЕУ. Затоа, пред да се донесе некоја одлука, мора да се има превид, што се добива, а што се губи со неа“ рече Ковачевски во обраќањето пред пратениците.
„Од ЕУ, пораките се дека пристапниот процес за Северна Македонија ќе запре, ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред во проширувањето, а нашето членство во Унијата ќе биде одложено“, дополни Ковачевски во неговото обраќање.
Тој додаде дека имаме недвосмислена поддршка од нашиот стратешки партнер САД за членството во ЕУ и тие испраќаат порака дека сите ги држат за збор и во земјава и во регионот, бидејќи сакаат да ја видат оваа држава како се движи напред во европската интеграција.
„Но тука е и укажувањето дека ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против уставните измени, ако се тргне од патот од ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека по подолго време политиките од изминатиот период овозможија на Северна Македонија да се гледа како земја-фактор на ставбилнсота во регионот и Европа.
„Овој актуелен контекст од нас бара зрелост и одговорни одлуки. Ниту една земја не може сама да напредува. И сите сме свесни, се надевам, колку е важна за нашиот развој искрената поддршка од нашите стратешки партнери. Од сите зависи дали граѓаните ќе имаат европски услови за живот и европски животен стандард“ рече премиерот Ковачевски во обраќањето до пратениците.