Тоа е во стилот на ВМРО-ДПМНЕ, тие се подготвени да ги блокираат и сопствените предлози за министри, рече Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека е сигурен оти на парламентарните избори во 2024 година граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу два блока на политички понуди, без да прецизира дали тоа ќе значи поширока коалиција. Ова тој го кажа на новинарско прашање која е најдобрата опција за СДСМ – да одат сами на избори или со заеднички настап со партија од албанскиот политички блок.
-Јас веќе сум кажал дека се анализираат сите можности во однос на настап на изборите. Меѓутоа, едно е сигурно дека ќе имаме два блока, едниот ќе биде проевропски блок кој се залага за интеграција на државата, а вториот ќе биде антиевропски блок којшто според кажувањето на лидерот на тој антиевропски блок Македонија можела да чека уште 100 години, а да не влезе во Европска унија. Тоа значи дека сите родени граѓани на државата во моментов нема да дочекаат да бидат дел од Европската унија, според кажувањето на лидерот на антиевропската коалиција, истакна Ковачевски, по доделувањето изводи на лица кои не биле досега евидентирани во матичната книга на родените.
Прашан за коментар на ставот на ВМРО ДПМНЕ дека нема да ја поддржат техничката влада иако би одобриле нивни функционери да членуваат во нејзиниот состав, Ковачевски одговори дека тоа е во стилот на спомената партија.
-Ова е точно во стил што го работат. Тие се подготвени да ги блокираат и сопствените предлози за министри, рече Ковачевски.
Секоја добронамерна средба е позитивен чекор во унапредување на демократијата, за повеќе коментари ќе треба да ги прашате тие кои учествуваат на средбата, посочи Ковачевски на прашањето за коментар на вчерашната средба помеѓу Алио Ахмети и Арбен Таравари.
За средба помеѓу него и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски посочи дека нивните кабинети ќе закажат по регуларен пат таков состанок, за кој очекува дека ќе биде на техничко ниво и нема да биде проследена со никакви медиумскa помпезност.