Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски на прес со Шолц: ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор нема, ниту ќе има

„Пратениците се пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка на ЕУ. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Заради подобар живот по европски стандарди. Затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор од овој што го имаме пред нас нема, ниту ќе има.

„И токму затоа овој трасиран пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Ние мораме да ја исполниме стратешката цел на која сме се обврзале пред 30 годидни – полноправното членство во ЕУ. Ние мораме да им овозможиме на нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од сега“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека дали ќе успееме во тоа зависи само и единствено од нас, бидејќи не смееме да ја испуштиме оваа шанса која ја имаме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата и за иднината на нашите деца.

„Оваа Влада, донесе многу тешки одлуки и покажа лидерство и храброст. Отворањето на преговорите е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде дома, во Северна Македонија. Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека е благодарен на Германија и на канцеларот Шолц за неговиот личен влог, кој беше пресуден во даден момент.

„Од голема важност за нас е тоа што со Резулуцијата оддавате длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Особено сум горд што Сојузна Република Германија, во Северна Македонија гледа земја која се залага преку дијалог, почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија, на меѓународното право, да ги надмине сите предизвици. Со усвоената Резулуција ни давате дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество“ рече Ковачевски.

Ковачевски ја истакна улогата на Германија како трговски партнер број еден, со којашто трговската размена лани беше 3,2 милијарди евра.

„Сојузна Република Германија е наш клучен политички и економски партнер и во текот на овој тридецениски период на интензивна соработка, поставивме и одржавме трговската размена која само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Германија е нашиот трговски партнер број еден. Околу 50% од вкупниот извоз од Северна Македонија е во Германија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека дури 200 компании од германија се партнери на македонски компании и отворија околу 20 илјади работни места во земјава.

„Соработката се темели и на важни стратешки инвестиции, како и на големи производствени капацитети кои германските компании ги отвораат тука кај нас. Во оваа прилика и од оваа средба заедно со канцеларот Шолц упатуваме пораки на охрабрување до германските компании да продолжат со експанзија на своите бизниси како силна поддршка на нашето партнерство и на нашиот заеднички влог во иднината“, рече Ковачевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен