„Јас не знам која друга коалиција има повеќе право да каже дека е за Европа од нашата. Ние преку конкретни чекори покажавме дека за нас нема друга визија и друг пат освен европскиот“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на промоцијата на програмата „Програма за европска иднина“.
Тој додаде дека патот не е лесен и ЕУ не секогаш е фер кон нас, но тоа е во минатото, сега мора да се гледа напред.
„Мора и покрај се, да не се откажеме од тој пат. Затоа што Европската Унија е нашата единствена алтернатива. На Македонија и е потребна Европската Унија. Потребен ѝ е европскиот стандард, европските вредности и начин на живот, овде и сега“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека со мотивација и посветеност треба да се искористи кмапањата и пред граѓаните да се презентираат плановите, идеите и конкретните проекти во позитивна кампања која ќе ја потенцира европската визија.
„Да покажеме дека Коалицијата за европска иднина е најдобриот избор кој ќе обезбеди европска и просперитетна иднина за Македонија. На 8-ми мај победуваме на парламентарните избори. Ќе ја формираме новата проевропска влада и заедно ќе ја внесеме Македонија во Европската Унија“ рече Ковачевски.