„Ако ВМРО-ДПМНЕ повторно добие преголема моќ и овластувања, ќе се соочиме со истото што го гледавме 11 години, тоа ќе ги затвори нашите ЕУ перспективи, ќе ги затвори и независните медиуми и ќе стави крај на независното судство“, порача лидерот на СДСМ од митингот во Гостивар.
На тоа, додаде тој, нема да останат имуни ниту добрите меѓуетнички односи и ќе се стави крај на една демократска држава во која денес секој може слободно да го каже своето мислење.
„Оганот кој деновиве гледаме дека го распалуваат ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ може многу лесно да ги потпали тензиите кои успешно ги надминавме и ги оставивме во минатото. Затоа, вечерва повторно апелирам и до Македонците и до Албанците и до сите останати етнички заедници во Македонија – Да не дозволиме да го растуриме она што го градиме 30 години – соживотот во нашето општество кое макотрпно го градиме 3 децении. Нешто што успеавме да го унапредиме во последните 7 години на многу повисоко ниво од тоа што беше претходно и тоа го гледаме на секој чекор. Ние друга татковина немаме! Нашите деца заслужуваат да ја градат својата иднина, дома, каде што се родени! Во СДСМ имаме само една опција – да застанеме зад граѓаните кои веруваат во напредна и европска Македонија како рамноправна членка на Европската Унија и заедно, со упорна и посветена работа, да го оствариме тоа“, истакна Ковачевски.
Претседателот на СДСМ се заблагодари на сите кои на 24 април гласаа за борјот еден и повика на уште помасовна поддршка на 8 мај.
„Упатувам благодарност до сите членови и симпатизери на СДСМ, кои во средата беа на страната на европската Македонија и кои нѐ поддржаа. Поддршка важна и голема како планина. Само така – ние, заедно со вас, можеме да направиме голем исчекор и да го свртиме резултатот во наша полза, во корист на европската иднина на Македонија“, нагласи Ковачевски.