На 8 мај постои само една социјалдемократска опција, само една лева и прогресивна опција која се вика СДСМ. Ако досега не беше јасно, сега се разјасни и дилемата која можеби дел од вас и ја имавте и сакам да му се заблагодарам на политичкиот субјект ЗНАМ и на нивниот претседател што ја разјаснија дилемата и што застанаа и јавно со ВМРО-ДПМНЕ рака под рака во поддршка на Гордана Силјановска Давкова. Ете така паднаа и тие маски кои ги носеа се до вчера, истакна вечерва лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Струмица.
Според него, ЗНАМ бил направен единствено за лична корист и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
– На истиот начин како што беше направен и политичкиот субјект НСДП во 2006 година и политичкиот субјект Демократска алтернатива во 1998 година. Последниве два што ги спомнав, едниот не постои, а другиот е минорен коалиционен партнер на СДСМ, бидејќи на крајот сите се враќаат таму од каде што потекнале, затоа што предавникот не што не го сакаат дома, предавникот најмалку го сакаат таму каде што отишол да предаде. И затоа ви кажувам ќе ги гледате овие од ЗНАМ кога ќе ги стават во последна клупа во Собрание после 8 мај и со наведнати глави, не што ние нема да им правиме муабет, овие од ВМРО помалку ќе им прават муабет, рече Ковачевски.
Додаде дека во изминатите години сите лаги на ВМРО ДПМНЕ паѓале во вода. Тој се повика на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кој јасно порачал земјите кандидати за членство да бидат подготвени за прием до 2030 година.
– До 2030 година ќе ги гледате Црна Гора и други држави како седнуваат на своите столчиња во Брисел, а нашето повторно со ВМРО на власт ќе остане празно. И за тоа ќе ги обвинуваат граѓаните внатре, ќе ги обвинуваат соседите надвор и на крај ќе им биде виновна и самата ЕУ, како што им беше виновна од 2006 до 2017 година, рече Ковачевски.
Граѓаните кога ќе излезат на избори на 8 мај, како што рече, мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна закана, бидејќи ако десничарска партија како ВМРО добие преголема институционална моќ со сите државни ресурси на располагање, многу е веројатно дека ќе се соочиме со крај не само на нашата европска, туку и на нашата демократска перспектива.
– Се работи за иднината на државата, се работи за тоа што ние треба да им испорачаме на граѓаните. И затоа подадената рака за напредок на државата на патот кон ЕУ значи вклученост на сите граѓани, наместо дневен и тотално непотребен национализам. Ттоа ни е потребно за да може да размислуваме мирно за тоа какво општество сакаме да градиме, посочи претседателот на СДСМ.
Додаде дека во изминатите седум години, Владата предводена од СДСМ донела тешки, но значајни одлуки. Правевме и грешки, но факт е дека СДСМ е секогаш рамо до рамо со граѓаните и никогаш не сме се откажале од Македонија во која владеат принципите на солидарност, еднаквост и инклузивност, рече Ковачевски.
– Кога се смени власта во градот Скопје и кога дојдоа ВМРО – ДПМНЕ со нивната градоначалничка, Скопје беше под сериозна закана да остане без парно среде зима. Преземавме конкретни чекори и Владата го надмина тој проблем. Кога се зголемија трошоците на живот во екот на економската криза, со брза и одлучна реакција, за полесно справување со кризата, успеавме да ги зголемиме и платите и пензиите и другите социјални трансфери. Тие одлуки не беа лесни, но ние не се откажавме.“
Носителот на листата во Четвртата изборна единица, Венко Филипче, порача дека СДСМ никогаш нема да биде салонска партија, туку партија која живее и работи меѓу граѓаните.
– Ова е време да покажеме дека срцето на оваа партија чука силно, а тоа срце е секој од вас. Не можеме да одиме напред без вашата поддршка, ниту Македонија може да оди напред без силен СДСМ. Ве повикувам да им се спротивставите на оние кои се обидуваат да не’ потценат и уценуваат. Да им се спротивставиме на оние кои сакаат да не’ поделат и кумуваат со нашите противници. СДСМ не смее никогаш да биде потценет, а уште помалку уценуван, истакна Филипче.
Коносителот на изборната листа во Четвртата изборна единица, Јованка Тренчевска, одговори на обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ и носителот на избирната листа, Александар Николоски околу семејните вредности и наводното воведување на родител 1 и родител 2.
– Овде од мојата Струмица на Николоски и на неговите мегафони им порачувам семејството, нашите деца и семејните вредности за мене се најсвети работи. Освен во вашите манипулативни умови родител 1 и родител 2 не постојат ниту кај мене, ниту во политиките на СДСМ. И пред да му кажам дека од Струмица ќе добие црвен картон и карта за Охрид, дозволете ми да им објаснам на ДПМНЕ и на нивните мегафони за семејните вредности и за децата за кои СДСМ и јас како министерка во изминатиот период навистина инвестиравме.Од 2017 до денес отворивме 84 градинки, го зголемивме опфатот на децата од 25 на 48 проценти. Во 2024 и 2025 година ќе отвориме дополнително уште 20 градинки коишто се во тек на градба. Се обврзуваме опфатот на деца во предучилишното образование да го зголемиме на 70 проценти, рече Тренчевска.
Таа упати апел до сите пензионери да не дозволат да бидат манипулирани како во изминатите 11 години кога владеела ВМРО-ДПМНЕ.
На митингот во Струмица присуствуваше и поранешниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев.