Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Пренаменети 32,5 милиони евра буџетски средства за подобар живот во општините

„Дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид. Парите за овие проекти во износ од 380 милиони денари (над 6,1 милиони евра) ќе се обезбедат од Министерството за образование и наука. Додека пак, 250 милиони денари (над 4 милиони евра) се обезбедуваат од Министерството за труд и социјална политика, за проекти за подобрување изградба и реконструкција на градинки, во општините Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Ова се проекти што значат подобрување на условите за згрижување на децата од предучилишна возраст, во овие општини,“ посочи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по повод потпишувањето на договорите со општините за реализација на конкретни проекти од локален интерес.

Претседателот Ковачевски информираше дека, осум милиони денари (130.000 евра) од сметката на Министерството за здравство ќе се пренаменат на сметката на Општина Илинден за реконструкција на амбулантата во оваа општина, што е од исклучително значење за заштита на здравјето на граѓаните.

Министерството за транспорт и врски ќе пренамени над 1 милијарда денари (16,2 милиони евра) за проекти за изградби, реконструкции и асфалтирања на улици и локални патишта и мостови, во повеќе општини.

Над 183 милиони денари (3 милиони евра) од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се пренаменат за проекти од областа за животната средина, во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница.

Во делот на културата, 30 милиони денари (487.000 евра) од Министерството за култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на културата во село Матејче, Липково.

Преку Агенцијата за млади и спорт ќе се пренаменат 114 милиони денари ( над 1,8 милиони евра) за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во општините Штип, Велес и Ѓорче Петров, проекти со кои им овозможуваме на младите и на граѓаните услови за спортување и рекреација.

Зачлени се на нашиот е-билтен