„Јас и моите другарки и другари секој ден сме на терен помеѓу граѓаните. Но, тоа не е така само сега во пресрет на изборите, така беше и додека ја водевме владата. Нашите министри работеа на терен, меѓу земјоделците, на пазарите, во компаниите, меѓу граѓаните. Ние знаеме дека само така може да се почувствуваат проблемите на граѓаните и само низ разговор со вас може да креираме мерки и политики кои ќе бидат вредни, автентични.Така и ја создадовме нашата програма, која всушност ја пишувавте вие граѓаните со вашите критики, барања, очекувања за иднината“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанскиот митинг во Радовиш.
Тој посочи дека основната цел на програмата се брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ, затоа што само на тој начин може да се обезбеди повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство.
„Ветуваме повисоки плати и пензии, многу поволности за нашите млади кои ќе имаат поддршка и во своите средношколски и во факултетските денови. Ќе има поддршка од 1,35 милијарди евра за вистинските земјоделци“, истакна Ковачевски.
Тој во духот на социјал-демократијата, посочи дека е предвидено и граѓаните да станат акционери во државните енергетски компании. Притоа, најави и одлучна и конечна борба против злоупотребите, неправдите, системската корупција.
„Од тоа не отстапуваме. Или ќе воведеме ред, еднаквост и правда или нема да биде ништо како што треба“, порача Ковачевски.