Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која може да ја внесе Македонија во ЕУ

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски

СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе Македонија во ЕУ, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот сојуз, на Европскиот караван на СДСМ и Коалицијата за европска иднина што се одржа вечерва во Центар.

На вечерашниот настан Ковачевски порача дека СДСМ е силна партија и не се откажува од борбата.

– Нашата историја, нашата традиција и нашата одлучност за подобра иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече тој.

Тој посочи дека се свесни дека постои незадоволство и дека ја примиле пораката од граѓаните.

– Мене и на моите другари ни е јасно дека партијата треба да се менува, за да ја вратиме довербата на граѓаните, рече тој.

Ковачевски зборуваше за активностите кои ги реализирале со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните и посочи дека со новата програма ќе продолжат да го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

– СДСМ никогаш нема да се откаже од инклузијата и градењето едно општество за сите граѓани, без разлика на припадноста. Таа инклузија подразбира целосно почитување на Европските вредности како солидарност, правичност, чесност и одговорност и тие треба да важат за сите и за првиот човек во државата и за министрите, директорите, буквално за сите, реле Ковачевски.

Според него, изборите на 8 мај ќе бидат тешки, но, очекува дека ќе ја имаат поддршката во Центар.

– Во СДСМ постои цврсто единство, ние сме обединети и ќе продолжиме да се бориме за она во кое веруваме, а тоа е прогресивна, напредна и подобра Македонија, заокружи тој.

Милена Стевановиќ, кандидатка за пратеничка од СДСМ, на настанот зборуваше за нејзините искуства на Инфективната клиника во Скопје.

– Обезбедивме развој на медицината, обезбедивме далеку подобри услови за пациентите, но и за лекарите и нивните услови за работа. Значително го подигнавме стандардот на здравствениот систем. Верувам дека секој од вас ја има мислата дека тоа не е доволно,  и не е доволно, имаме уште многу работа пред нас и цели за постигнување, рече таа.

Стевановиќ беше согласна дека СДСМ мора да се менува и така, како што кажа, повторно да ја стекне довербата од повеќето граѓани.

– Денеска стојам пред вас повторно со јасна визија и јасна цел, да живеам во сопствената татковина, држава, Република Северна Македонија, со стандарди, земја која заслужува да биде дел од Европското семејство, дополни таа.

Стевановиќ ги повика граѓаните, како што рече, на 8 мај да не се откажат од својата иднина.

Ко-носителка на листа во ИЕ1, Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, на настанот посочи дека промените никогаш не се случуваат со националистички наративи, ниту, како што рече, „со луѓето кои ни ја гушеа индивидуалната слобода“.

Таа потенцираше дека се свесни дека направиле грешки, дополнувајќи дека кој работи тој и ќе погреши.

– Ја примивме пораката од граѓаните, имаме мотив и конкретни решенија како да се поправиме, рече таа.

Според Зајкова, на овие избори, сериозно е доведен во прашање правецот во кој државата ќе продолжи да се движи понатаму.

– Не може да очекуваме државничка визија од луѓе кои се до денеска не дадоа ниту еден јасен став за тоа каде ја гледаат државата во иднина и кои решенија ни ги нудат, дополни таа. 

Зачлени се на нашиот е-билтен