Ние ќе имаме два блока во коишто едниот ќе биде за европска интеграција и другиот ќе биде за изолација, заклучи лидерот на СДСМ
Пратеничката група на СДСМ ќе гласа согласно предлогот на Владата во однос на кадровски промени од редовите на Алијанса за Албанците и врз основа на ставот којшто ќе го имаат и пратениците на АА.
Ова го изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата Лапласт – М.
-Во однос на односите во Алијанса ќе ги прашате во Алијанса, јас не можам да одговорам во име на друга партија. Ако доставиле предлог до претседателот на Владата тогаш ќе го прашате претседателот на Владата каков предлог добил. А за тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ таа ќе гласа во согласност со предлогот којшто ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот којшто ќе го имаат и пратениците на Алијанса. Меѓутоа, за тоа вие велите некаква кадровска комисија во Алијанса јас навистина не ја знам ни кадровската комисија и каква им е структурата на партијата, рече Ковачевски.
Посочи дека досега комуникацирал со лидерот АА, Арбен Таравари и при формирањето на Владата, но и пред два дена, а претходно имале и заеднички состанок во седиштето на СДСМ.
-Во однос на изборниот настап, ние и сега сме во коалиција со партиите коишто се за продолжување на европските интеграции на државата визави другиот блок на политички партии, кои се против продолжување на европските интеграции на државата. Тие тоа впрочем и го докажале, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и другите во текот на изминатите години, другите и во текот на изминатите декади дека никогаш не носеле одлуки за НАТО и за европска интеграција на државата, изјави Ковачевски.
Изборниот настап, нагласи, е одлука на органите на партиите, дали ќе се оди на заеднички листи или на листи со традиционални коалиции на коалициските партнери.
-Меѓутоа, на крајот на денот ние ќе имаме два блока во коишто едниот ќе биде за европска интеграција и другиот ќе биде за изолација, заклучи лидерот на СДСМ Ковачевски.
Прашан за преговорите за заеднички листи со ДУИ рече дека процесите се движат накај одржување фер и демократски избори и победа на проевропската коалиција.
-За листите ќе видиме кога ќе носат одлуки партиските органи на сите партии, подвлече Ковачевски.
Во однос на последните анкети објавени на МТВ, според кои ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ, а албанската опозиција е зад ДУИ, забележа дека таа е преземена од институт близок со опозициската партија.
-И МТВ всушност само не потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година, така што ова прашање можеби треба да го поставите и до г. Гир, до американската амбасадорка, до холандскиот амбасадор бидејќи тие многу често коментираат во однос на демократијата, слободата на медиумите, начинот на известувањето итн. Јас ви кажувам дека ова комплетно може да ги потсети сите како изгледаа медиумите до 2016 година, рече Ковачевски.
(МИА)