„Ставивме крај на еден горлив три децениски проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не може да склучат брак, ниту пак да го регулираат статусот на нивните деца, едноставно ги немаше во системот на државата,“ рече Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на доделувањето на изводи на лица кои досега не се евидентирани во матичната книга на родени.
Ковачевски посочи дека со измените на Законот за матична евиденција, се решија животни прашања на многу наши граѓани.
„Токму тие законски измени и дополни го отворија патот за решавање на околу 526 човечки судбини, од кои до сега извршен е упис во матичната книга на родените на 409 лица. Останатите 117 лица ќе се упишат до крајот на годината,“ рече Ковачевски.
Тој во оваа прилика ја поздрави заложбата на Министерството за правда и Управата за водење матични книги, посебно да ја истакна улогата на пратеничките Соња Мираковска, Љатифа Шиковска и Снежана Калеска – Ванчева, кои подготвија амандмани во Законот за Матична евиденција со кој системски продолжи да се решава проблемот со лицата неевидентирани во матичната книга на родени.