„Верувам дека во нашата држава е можно да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ја обезбеди европската иднина на Северна Македонија, бидејќи тоа е стратешки цел поставен од независноста на државата, а шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во интерју за српска „Политика“.
Тој додаде дека одговорните политичари, лидери и пратениците го препознаваат тоа и ќе донесат разумни одлуки.
„Северна Македонија чекори на европскиот пат, во тек е билатералниот скрининг и оваа година очекувам нов исчекор во евроинтеграциите. Тоа го базирам на определувањето на граѓаните во државата за членство во ЕУ. Граѓаните даваат мандат и тие на последните парламентарни избори дадоа поддршка на проевропските политички субјекти, кои составија проевропска влада“ рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека Северна Македонија е мултиетничка граѓанска држава и со тоа што некои етнички заедници ќе се додадат во Уставот ништо не губиме, напротив добиваме.
„Северна Македонија е Европа во мало. Сега имаме прилика да биде и рамноправна членка на големото европско семејство. Граѓаните препознаваат кој работи за иднината на сите, а кој има намера да профитира со ситни политички поени за себе. Во 21 век нема место за популисти“ рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски, во интервјуто, прашан за војната во Украина и дали малите земји можат да ја искористат кризата, одговори дека решението на секое отворено прашање мора да биде исклучиво преку дијалог.
„Несфатливо е во 21 век да се користи оружје, да се убиваат невини луѓе и да се доведува во прашање светскиот мир. Особено е неприфатливо географски поголема земја да употребува сила против помала демократски определена земја, обидувајќи се да ја загрози нејзината независност и територијален интегритет“, кажа Ковачевски.
Според него, ова е исклучително опасен преседан кој мора да се отстрани за да се спречат и ризиците тоа да стане практика, бидејќи тогаш би бил загрозен светскиот мир.
-„Дипломатијата и моливите се средства за комуникација денес и така можеме и мораме да излеземе од овој вител. Барем ние од Балканот тоа најдобро го знаеме. Република Северна Македонија, Србија и Албанија во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ја подобруваат регионалната соработка, а со тоа ја зајакнуваат меѓусебната доверба. „Отворен Балкан“ и Берлинскиот процес се регионални иницијативи кои зближуваат и охрабруваат да задржиме фокус на одржување на стабилноста и безбедноста на регионот, како и на заедничката стратешка цел – европската интеграција,“ истакна Ковачевски.
Пандемијата и кризите ги потврдија традиционално добрите односи меѓу Северна Македонија и Србија…
„Во тешките моменти до израз доаѓаат вистинските пријателства. Пандемијата и оваа светска економско-енергетска криза само ги потврдија традиционално добрите пријателски односи меѓу Северна Македонија и Србија“ изјави премиерот во интервјуто.
Тој додаде дека меѓусебното почитување создава основа за понатамошен развој на нашите добрососедски односи.
„Заедно ги решаваме сите предизвици кои ни ги наметна светската криза од војната во Украина. Со српскиот претседател Вучиќ и со албанскиот премиер Рама сме во редовни, понекогаш и секојдневни контакти со цел менаџирање на потребите на нашите граѓани“ рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека ова пријателство ќе послужи за инспирација за градење на добрососедски односи и дека ваквата соработка во актуелниот контекст е светла точка за регионот, за Европа и за светот.