„Најпрвин сакам да изразам големо задоволство што како никогаш до сега сите сме тука заедно, градоначалниците од скоро сите општини во државата и тоа за убава работа бидејќи столбот на едно успешно и демократско развиено општество се пред сè задоволни граѓани, а граѓаните секогаш својот прв контакт го имаат со општинските совети, со градоначалниците и се разбира со сите државни институции кои функционираат на локално ниво“, порача Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на настанот на кој беа потпишани договори со 44 општини за реализација на 66 конкретни проекти од локален интерес.
За реализација на проектите е обезбедена финансиска поддршка од 32,5 милиони евра, од буџетите на 6 министерства и една агенција: министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт.
Претседателот Ковачевски посочи дека заедничка цел на централната и на локалната власт треба да бидат интересите и потребите на граѓаните, што претставува еден од врвните приоритети на Владата.
Тој се заблагодари на успешната соработка на сите политички партии при реализацијата на оваа значајна и голема активност.
„Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот. Тука сакам да се заблагодарам пред се и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на граѓаните. И тоа е навистина нешто што е за поздравување и што уверен сум дека ќе оддекне исклучително позитивно во јавноста“, порача Ковачевски.
„Се работи за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали, домови за култура, пречистителни станици, мостови, спортски сали, пречистителни станици, мостови и други проекти во најголем дел од државата веќе имаат подготвено документација со која што може да се отпочне со работа“, посочи Ковачевски.