Кредит 90 милијарди за Украина: ЕУ со заеднички долг и строги услови

Кредит 90 милијарди за Украина договорија земјите на Европската унија на 4 февруари 2026 година во Брисел, со цел да се покријат финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027, така што првата исплата да стигне уште на почетокот на април и да се избегне нагло „празнење“ на надворешната поддршка.

Пакетот предвидува поделба на средствата на две главни линии: 30 милијарди евра за буџетска поддршка, преку макрофинансиска помош и инструментите на ЕУ за стабилно финансирање, и 60 милијарди евра за одбрана, односно за набавка на оружје и муниција и за поддршка на украинскиот одбранбен индустриски капацитет.

Договорот е поставен како заем финансиран преку заедничко задолжување: Европската комисија ќе позајмува на финансиските пазари, а гаранција за инвеститорите ќе биде буџетот на ЕУ. Според моделот што го објаснуваат институциите, сервисирањето на трошоците за заемот се покрива преку буџетските правила на Унијата, при што проценките за годишниот товар на каматите се движат во распон од 2 до 3 милијарди евра.

Политички чувствителната точка е учеството: правниот текст се турка преку „засилена соработка“ со 24 земји-членки, додека Унгарија, Словачка и Чешка се изземаат од финансиски обврски поврзани со заемот, вклучително и трошоците за камати.

За воениот дел, спорот се водел околу тоа од каде ќе се купуваат оружје и муниција, па компромисот воведува „каскаден“ принцип: приоритет имаат производи од Украина, ЕУ и земјите на Европската економска област и ЕФТА, односно Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, а само ако опремата не е достапна таму, Киев ќе може да оди и на други пазари, како САД. Дополнително, земји со партнерства за безбедност и одбрана, како Обединетото Кралство, Јапонија, Јужна Кореја и Канада, можат да се приклучат за одредени набавки ако дадат „фер и пропорционален“ придонес за трошоците на задолжувањето.

Парите ќе се исплаќаат во транши и ќе бидат врзани со услови: Украина треба да изработи сопствена стратегија за финансирање која потоа ќе ја оценува Комисијата и ќе ја одобрува Советот, а во пакетот се вградени и „строги услови“ поврзани со владеење на правото и борба против корупција, со можност за суспензија ако има назадување.

Како политичка порака, заемот е конструиран така што отплатата би се активирала само ако Русија плати воени репарации, што, според оценките во Брисел, остава реална можност долгот да се „превртува“ подолг период, додека во меѓувреме се чека зелено светло од Европскиот парламент за финализирање на правната рамка

Зачлени се на нашиот е-билтен