Криминална мрежа продавала лекови без ефект на тешко болни пациенти

Европска истрага разоткри криминална мрежа која продавала лажни лекови и суплементи на пациенти со сериозни дијагнози, претставувајќи ги производите како терапии за тешки и неизлечиви болести. Мрежата, според истражните органи, остварила најмалку 240 милиони евра преку незаконски трансакции.

Групата работела од 2019 година, преку компании, стотици веб-страници и профили на социјални мрежи. Во рекламите биле користени имиња и фотографии на познати личности и лажни доктори, а жртвите потоа биле контактирани од кол-центри во кои оператори се претставувале како лекари или медицински специјалисти.

Истрагата покажала дека дел од пациентите, измамени од ваквите тврдења, ја прекинале терапијата препишана од лекар. Производите, иако се рекламирале за различни болести, имале сличен состав и немале медицински ефект врз човечкото тело.

Во акцијата на 12 мај учествувале власти од 15 земји. Претреси биле извршени на 113 локации во Бугарија, Грција, Унгарија, Полска, Романија и Молдавија, во Романија биле блокирани 196 веб-страници, а во Бугарија бил откриен централен магацин со големи количини суплементи. Дел од главните осомничени се приведени, а истрагата продолжува.

Најчитано