Критика = болест? Скандалозен речник Мицкоски

Мицкоски

Односот на Мицкоски кон политичките опоненти, пред сè, зборува за односот кон критиката на говорникот и за неговата политичка (не)култура.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во политиката, зборовите никогаш не се случајни. Особено кога доаѓаат од премиер, и тоа изговорени во Собранието на Република Северна Македонија – местото каде што демократијата треба да се практикува, а не да се поткопува.

Кога премиер ќе одговори на критика од опозицијата и јавноста со порака дека неговите опоненти треба да одат „на лекар“ и да приложат потврда за ментално здравје, тоа не е само лоша шега. Тоа е политичка порака. И уште поважно – тоа е огледало на политичката култура што ја носи со себе.

Според медиумските извештаи, премиерот изразил „загриженост за здравствената состојба“ на дел од раководството на опозицијата, што во суштина значи политичка дисквалификација преку медицинска стигматизација. На прв поглед, формулацијата може да звучи како иронија. Но во политиката, иронијата од позиција на моќ секогаш има тежина на порака, а не на досетка.

Што всушност ни кажува ваквиот настап?

Прво, овој најнов испад на Мицоски не е прв. Напротив, тоа е дел од една подолга серија јавни настапи во кои премиерот политичките противници, критичарите и новинарите ги третира со презир наместо со аргумент.

„Талог на општеството“, „лешинари“, „глодари“

Пред само неколку недели, коментирајќи критики околу неговите лични навики и колекционирањето скапи часовници, премиерот изјави дека со тоа се занимаваат „оние од талогот на општеството“. Претходно, во некои јавни настапи кога од Мицкоски се бараа некои одговори на прашањата на опизицијата или новинарите за трегадијата во Кочани, тој навредуваше со зборовите „лешинари“, „глодари“.

Овој однос на Мицкоски, пред сè, зборува за односот кон критиката на говорникот и за неговата политичка (не)култура.

Во зрела демократија, критиката се побива со аргумент, со податок, со политика. Кога наместо тоа се нуди дисквалификација на лична основа – и тоа преку алузија на ментално здравје – се напушта теренот на рационалната дебата и се влегува во простор на омаловажување. Тоа не е слабост на опозицијата, туку сигнал за нервоза кај власта.

Понатаму, ваквиот речник открива и однос кон јавноста. Затоа што пораката не е само кон опозицијата, туку и кон сите што мислат поинаку. Ако критиката се третира како симптом, тогаш секој критичар имплицитно се става во позиција на „пациент“. Тоа е опасна логика – не само политички, туку и општествено. Таа ја нормализира идејата дека несогласувањето е девијација, а не право.

Ова отвора и подлабоко прашање: каков политички модел се гради? Модел во кој противникот е легитимен актер, или модел во кој противникот е проблем што треба да се „дијагностицира“? Разликата е суштинска. Првиот води кон плурализам, вториот кон авторитарна култура, дури и кога формално постојат демократски институции.

Особено е симптоматично што вакви изјави се даваат токму во парламентот. Собранието на Република Северна Македонија не е партиска говорница, туку институција во која различноста на мислења треба да се судри – но преку аргументи, не преку етикети. Кога од таму доаѓа порака што ги деградира политичките противници, тогаш проблемот не е само во стилот, туку и во разбирањето на улогата на институциите.

На крај, ова прашање не е само за еден настап или една изјава. Тоа е симптом на поширок тренд во политичката комуникација – ерозија на јазикот, банализација на навредата и постепено оттурнување на аргументот. Кога премиер си дозволува да ја сведува политичката дебата на дијагноза, тогаш прашањето веќе не е што кажал, туку што тоа кажува за стандардите што ги поставува.

А тие стандарди, сакале или не, стануваат новата мерка за тоа што е „нормално“ во политиката. И токму тука лежи вистинската загриженост. Во нормализацијата на навредата и понижувањето на опонентите и во тоа од кој актер доаѓа таа „нормализација“.

Зачлени се на нашиот е-билтен