Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

КСП Центар-Јадро со своја програма по повод 60 годишнината од скопскиот земјотрес

КСП Центар-Јадро по повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес, организира два настани: „26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје во организација на Општина Центар, и „Сведоштва за земјотресот“ од Нестор Несторовски во организација на неговата ќерка Солунка Зоксимовска.

Отворање на изложбата e на 26 јули во 10 часот. Таа е конципирана како мултимедијален настан на кој посетителите  ќе можат да погледнат документарен филм за Скопје, макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии како и историски фотографии од неколку периоди од развојот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар, предземјотресениот период, катаклизмичниот постземјотресен  период како  и обновениот Центар.

Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963 сѐ уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и скопски вистинити легенди. „Сведоштва за земјотресот“ – читање и проекција на документарен филм е настан на 27 јули во 20 часот, во организација на Солунка Зоксимовска.

На овој настан, Солунка Зоксимовска ќе ги претстави записите на нејзиниот татко, Нестор Несторовски, единствен преживеан од зградата на бул. ЈНА во која што тој живеел. Меѓу загинатите се и неговата сопруга и двете деца на возраст од 13 и 14 години, Солуна и Мишко.

Сведоштвата започнуваат со настаните што се случиле два дена пред земјотресот, а завршуваат со извлекувањето на Нестор од урнатините на зградата. По претставувањето на записите ќе следува проекција на документарен филм во продукција на Македонската радио телевизија кој се базира на потресната приказна и сведоштвата на Несторовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен