Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лајчак и Хил: Регионот треба да сфати дека проширувањето е единствена можност

 Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак денеска изјави дека регионот треба да разбере дека членството во Европската Унија е единствена можност, дека земјите од Западен Балкан постигнале одреден напредок, но дека корупцијата се уште претставува сериозна закана. Американски амбасадор во Србија Кристофер Хил рече дека САД го поддржуваат проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и додаде дека од перспектива на САД, патот кон ЕУ е единствениот пат, јави дописникот на МИА од Белград.

Лајчак на самитот ЕУ-Западен Балкан во организација на бриселскиот тинк-тенк „Пријатели на Европа“ изјави дека регионот прво треба да се разбуди од летаргија, за што предлага две опции.

-Прво, да им дадеме шанса на Украина и на Молдавија, бидејќи има многу позитивна енергија, многу посветеност, а регионот ќе види дека тоа се случува и да можеби нема да бидат во возот. И второ, ако некој од земјите од регионот добиваат шанса да одат напред, сигурен сум дека и остатокот од регионот ќе оди напред, бидејќи тие се следат многу внимателно, рече Лајчак.

Тој рече и дека во врска со проширувањето едно од важните прашања е нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и оцени дека има одреден напредок во тој процес.

-Јас сум во секојдневен контакт со двете страни и јасно е дека не можеме да постигнеме нормализација доколку нема јасна визија дека тоа е поврзано со многу конкретен процес на европска интеграција, рече тој.

Лајчак оцени и дека е важно да се донесат важни политички одлуки пред да се влезе во кампања за изборите во ЕУ.

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, рече дека земјата го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и додаде дека од перспектива на САД, патот кон ЕУ е единствениот пат.

-Србија е различна, има своја историја, сите се оптоварени со тешка историја. Да имаше Олимпијада за тешка историја, мислам дека Србија ќе беше на врвот, ќе имаше некаков златен медал. Она што гледате во овие земји е дали тие одат во вистинската насока, дали ја прават вистинската работа во однос на внатрешните реформи, работите за кои зборуваме во овие поглавја и кластери, дали ја прават вистинската работа внатрешно, Хил. кажа.

Тој рече и дека смета дека проектот за проширување е остварлив, особено со енергијата што доаѓа од Европската Унија.

-Потребен ни е процес на регионална соработка. Не ми е битно дали тоа го нарекувате Отворен Балкан, Берлински процес, отворен Берлин, како сакате. Она што го знам е дека ако се вратите на 1878 година, на Берлинскиот конгрес, ќе видите дека земјите мислеа дека треба да се приближат до некоја голема сила. И ова беше навистина значаен момент, мислам, за овие земји. Бидејќи меѓусебната соработка, дури и воспоставувањето модели на соработка, како да кажам, не дојде природно, а тие сепак го разбраа, рече американскиот амбасадор во Белград. 

Зачлени се на нашиот е-билтен