Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Љубовта кон градината Марина ја однесе и во Франција, сади пипер, домати, марули, но и многу цвеќиња

Марина Кодиќ по потекло од кочанското село Чифлик има прекрасна градина во сопствениот двор во Франција, каде под фолија одгледува речиси сè што имала и во родниот крај, а последната берба од минатата година, како што ни се пофали ѝ била на 5 декември.

Покрај земјоделските култури, таа одгледува и многу цвеќиња, а за нив, освен во дворот има место и во куќата и за неа важи правилото, секогаш има место за уште едно цвеќе повеќе.

Во Боне – Централна Франција е нешто повеќе од две години и за тоа време успеала да засади многу работи, да се навикне на средината, учи јазик… Вели дека никогаш не ни замислувала дека ќе замине од Македонија, но сепак ја прифатила судбината и сега има нов живот.

Таа е мајка на три деца, кои веќе се возрасни и си го следат нивниот пат, па со сопругот си направиле прекрасно катче за одмор, релаксација и уживање, но пред сè – здрава храна произведена со сопствените раце.

-Ние сме спој од Србин и Македонка, идеален пар за во Франција, раскажува шеговито Марина, која најчесто се грижи за сè низ домот додека сопругот Марк помага кога не е на работа.

-Првпат кога дојдов, бев сама, не знаев ни јазик ни ништо. Ова е мало место, претежно живеат повозрасни луѓе, а јас навикната на нашиот крај, со многу комуникации, со работа, и не можев да седам туку така, морав да ја победам носталгијата, да не се престори во депресија. Ги поканив соседите на кафе.

Нивната градина беше како цртана, возрасни луѓе, над седумдесет години, но толку прекрасно ја имаа направено градината, па почнав од таму и со помош на „трансејтот“ на телефонот ги поканив и си пиевме кафе, раскажува Марина за нејзините почетоци. Потоа и таа започнала да си сади цвеќиња и градинарски култури, како што вели „со земја, вода и многу љубов“.

На фотографијата се посадените пролетни култури, марула, краставица, домати, дињи, кромид и еден корен лубеница, а во саксиите се изртените цвеќиња.

Годинава биле на одмор во Македонија и Србија, па цел месец за градината се грижеле соседите, но сега повторно се во Франција, па продолжува да се грижи за нејзината најголема пасија.

-Само што посадивме и ружи, уште едно цвеќе, многу сакам цвеќиња, иако немам како што имаат Французите, овде насекаде се садат цвеќиња. Tие немаат толку градинарски култури колку што имаат цвеќиња, не е како кај нас. Дворовите мора да им бидат средени, особено влезовите, и тоа многу ми се допаѓа, како и тоа што секој ден по два часот насекаде е мирно, Два часа имаат време за ручек, пауза, се е затворено, и нема галама, нема дури ни разговор на телефон погласно. Потоа пак сите се враќаат на работа околу 3 ипол попладне и тоа трае се до вечерта, околу 19:30- 20 часот. Потоа пак е тишина, раскажува Марина за животот во Франција.

Кога ја запрашавме Марина од каде знае да сади и да одгледува зеленчук, вели дека тоа ѝ наследено.

-Потекнувам од место каде што многу се работи земјоделие. Знаете во кочанско најмногу се одгледува ориз, но и се останато помалку. Родена сум во семејството Арсови и моите се уште се таму. Годинава бевме да ги посетиме нашите, и во Србија и во Македонија. Оттаму си ја понесов љубовта кон градината и со неа се чувствувам многу поубаво, поисполнето и среќна сум. Се разбира и поддршката од сопругот ми е многу важна бидејќи да не беше тој, немаше да бидам сега тоа што сум, заклучува нашата Марина.

Во продолжение погледнете повеќе фотографии од нејзината прекрасна бавча, садена под фолија и со систем капка по капка.

А ова се само дел од цвеќињата кои ги има во изобилство и секогаш наоѓа место за уште едно плус.

Aгротим.мк

Најново