Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мајката на убиената Вања за осомничените, меѓу кои и нејзиниот сопруг, дознала од телевизија

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, уште дента на исчезнувањето тврдеше дека таа е киднапирана, рече мајката на убиеното 14-годишно девојче, Зорица Ѓорчевска, во своето денешно сведочење.

„Велеше нема што друго да биде”, раскажуваше Ѓорчевска.

За себе рече дека откако Вања исчезнала на 27 ноември многу мисли ѝ се свртиле низ главата, но не помислила дека е грабната. Рече дека таткото не кажал зошто мисли дека девојчето е киднапирано, туку само велел дека нема што друго да биде, повтори Ѓорчевска одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски.

„Истото го повторуваше и во наредните денови и во еден момент му се развикав да престане да зборува така, дека полицијата користи друга терминологија. Претпоставував дека ја идеализира (Вања) и оти не може да прифати дека можеби побегнала”, рече Ѓорчевска.

Таа на прашањата одговараше јасно и смирено.

Рече дека откако критичното утрото му се јавила на Александар да го извести дека Вања ја нема и дека доаѓа кај него и да слезе пред зградата во која живеел кај Соборниот храм, тој веќе бил пред зградата кога таа стигнала таму. Тоа, како што дополни, било во временски интервал од 5-6 минути од моментот кога му се јавила до моментот кога стигнала пред зградата. На прашање дали во претходни случаи тој знаел да доцни, таа одговори потврдно, но, како што кажа, во ваков случај ако требало ќе излезел и по пижами.

Раскажа за потрагата по Вања и прегледувањето на снимките од камерите за кои главно бил ангажиран Александар со пријател, кој имал познанства со полицијата, но кого не го познавала. Во потрагата покрај полицијата биле вклучени роднини, пријатели и колеги од работа кои критичниот ден се обидувале да го лоцираат телефонот на Вања. Наредните денови, како што рече мајката, таа комуницирала со едни инспектори, а Александар со други и не ги споредувале белешките.

Во однос на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“, таа потврди дека знае оти инвеститор на зградата била фирмата „Упа ентерпрајс“ и дека знае кој е Палевски, но рече оти не го познавала. Одговарајќи на прашањата, таа кажа дека станот го купил нејзиниот татко и дека не знае за никакви недоразбирања меѓу него и Палевски.

„Да имаше такво нешто, татко ми веднаш ќе се повлечеше. Ги имам документите и уплатниците за станот каде што сè е уредно и тие се предадени во Обвинителството”, рече Ѓорчевска.

На 3 декември, дента кога Вања била пронајдена мртва, Ѓорчевска рече дека во 3 часот била повикана во полициска станица заедно со Александар, каде што била известена дека Вања е пронајдена мртва. Биле одведени во различни простории, а потоа таа била однесена да го идентификува телото. Дека има осомничени за убиството и дека Александар е притворен дознала вечерта на телевизија.

Извор 360 степени

Зачлени се на нашиот е-билтен