Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„МакеДокс“ е во потрага по петтата генерација на „Докуникулци“

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ е во потрага по петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.

Заинтересираните можат да се пријават снимајќи се себе си со телефон, веб-камера или на било кој друг начин, и преку видеото, кое не треба да е подолго од 5 минути, треба да одговорат на следниве прашања:

-Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?

-Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?

-Кое е твоето најрано сеќавање?

-Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?

-Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?

-Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?

-Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото треба да го испратат на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer, или доколку се во можност, да го прикачат на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а на адресата да го испратат линкот и лозинката.

Повикот е отворен до 1 јуни 2023, a резултатите ќе бидат објавени до 15 јуни 2023 година.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниот во јули 2023 (5 дена во природа), август 2023 (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“) и 2 есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена).

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени.

„МакеДокс“ е во потрага по млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм. И не треба да се грижат за техничката опрема.

Малолетните лица, заедно со пријавите, треба да достават и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува учеството на работилницата.

Зачлени се на нашиот е-билтен