Македонски патници деновиве јавуваат за долги редици и застои на аеродромите и на граничните премини при влез во земјите од Шенген, откако новиот систем за електронска евиденција на влез и излез целосно стапи во сила. Патничка за Рацин.мк ја опиша процедурата на аеродромот во Берлин како „неверојатно комплексна и исцрпувачка“, велејќи дека се чекало повеќе од два часа само за да заврши регистрацијата за ЕЕС системот.
Од 10 април 2026 година, ЕУ го пушти во целосна примена Entry/Exit System, односно ЕЕС, на сите надворешни гранични премини во земјите што го користат системот. Тој важи за државјани на земји што не се членки на ЕУ и патуваат на краток престој, што значи дека директно ги засега и македонските граѓани. Наместо печат во пасош, сега се земаат и дигитално се евидентираат личните податоци од патната исправа, фотографија од лицето и отпечатоци од прсти.
На аеродромот Берлин-Бранденбург, каде дел од патниците од Македонија деновиве пријавуваат најголеми задржувања, самата аеродромска управа наведува дека ЕЕС постепено се воведува од декември 2025 година и дека патниците при влез прво се регистрираат на автоматски киосци, а потоа продолжуваат на шалтер кај граничната полиција. Во официјалните насоки на аеродромот стои и предупредување дека треба да се очекуваат подолги чекања, особено во почетната фаза на примената.
Дополнителен притисок врз аеродромите во Европа потврдуваат и самите воздухопловни организации. Според АЦИ Европа, во пресрет на велигденскиот бран патници, времето на чекање на аеродромските гранични точки редовно достигнува и до два часа во шпицовите, а на дел од аеродромите редиците се и подолги. Организацијата предупредува дека причините се недостиг на персонал, технички проблеми со киосците и ограничената употреба на алатките за претходна регистрација.
Иако Брисел го претставува ЕЕС како систем што треба да ја зголеми безбедноста и со време да ја забрза контролата, првите денови од целосната примена покажуваат дека патниците, барем засега, добиваат подолги процедури и поголем притисок на аеродромите. За македонските граѓани тоа практично значи дека за патување кон земјите од Шенген сега ќе треба да планираат повеќе време уште пред самиот лет, бидејќи новата дигитална регистрација веќе не е исклучок, туку редовна гранична процедура.