Македонија планира враќање на Евровизија во 2027 година

Македонија планира да се врати на Евровизија во 2027 година, по пауза од последното учество во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“.

Информацијата произлегува од записникот на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, во кој е наведено дека претставници на Европската радиодифузна унија очекуваат Македонија повторно да биде дел од евровизиската сцена во 2027 година. Во разговорите со ЕБУ била истакната и подготвеност за техничка и организациска поддршка за реализација на учеството.

Според Програмскиот совет, клучно е подготовките да почнат навреме и систематски, со цел земјата да има квалитетно претставување. Таквиот пристап е нагласен и во претходните дискусии во МРТ, каде што беше посочено дека за враќање на Евровизија е потребна стратегија, посилен домашен музички производ и вложување во фестивали и автори.

Македонија не учествуваше на Евровизија од 2023 година наваму. Како причини за паузата во претходните години се наведуваа финансиски и организациски ограничувања, но и потребата јавниот сервис да обезбеди појасна продукциска рамка за настап на меѓународна сцена.

Во записниците на МРТ се споменува и можноста јавниот сервис да води разговори со ЕБУ за организација на Детскиот Евросонг во 2027 година. Доколку таквата можност се реализира, тоа би било прво домаќинство на Македонија на евровизиски настан.

Последното македонско учество на Евровизија беше во 2022 година во Торино. Андреа Коевска настапи во второто полуфинале со „Circles“, но не се пласираше во финалето. Најдобриот резултат на Македонија останува седмото место на Тамара Тодевска во 2019 година со песната „Proud“.

Најчитано