Македонските фудбалски репрезентативци вечерва ќе ги одмерат силите со Ерменија во второто коло од Лигата на нациите, откако во првиот натпревар одиграа нерешено, 1:1, на гостувањето кај Фарски Острови.
Македонија вечерва ќе ја пречека Ерменија во Скопје од 20:45 часот, а македонските фудбалери ќе се обидат да го поправат впечатокот од гостувањето кај Фарски Острови.
Ова ќе биде 14. натпревар на Македонија и Ерменија, а од досегашните дуели Македонија има шест победи, Ерменија четири и три меча завршиле нерешено.
Голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски рече дека поискусните во тимот треба да ги мотивираат останатите и порача дека тој како заменик-капитен е максимално фокусиран и мотивиран за натпреварот со Ерменија.
„За нас најважно е да се победи, за да си ги зголемиме можностите за првото место во групата“ рече Димитриевски.
Селекторот Благоја Милевски, кој се најде на критики од спортската јавност во земјава по нерешениот резултат против Фарски Острови вели дека во репрезентацијата нема разочарување и истакнува дека натпреварите со Ерменија ќе бидат клучни во оваа група од Лигата на нациите.
„Нашата улога секогаш е важна, без оглед на против која селекција играме. Од нас самите зависи како ќе одиграме утре и дали ќе оствариме позитивен резултат“ рече Милевски.
Македонија е во групата 4 од Лигата Ц на Лигата на нациите заедно со репрезентациите на Фарски Острови, Ерменија и Летонија. Во првото коло, Ерменија славеше против Летонија со 4:1, а Македонија и Фарските Острови одиграа 1:1.