Од Софија: Стојан СИНАДИНОВ
Што да правите ако имате успешна вечер со претставување на македонските писатели и нивните колеги од Бугарија во Културно-информативниот центар на РСМ во Софија? Издавачката куќа „Макавеј“ и КИЦ во Софија направија уште една таква вечер на годинешното 14. издание на Македонската книжевна визита со омаж на бугарскиот поет Љубомир Левчев и поетско читање со учество на најистакнати имиња на поетската сцена од двете земји.
Поздравните говори на директорот на КИЦ во Софија д-р Сашко Насев, амбасадорката на РСМ во Бугарија, Н,Е, Агнеза Руси Поповска, и уредникот на „Макавеј“ Владимир Цветковски до бројните гости и учесници, кои го исполнија салонот до последното место, ја содржеа единствената можна порака до поетите – да создаваат свет од поезија! Беседа за Љубомир Левчев (1935-2012), добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година и член на МАНУ надвор од работниот состав, одржа проф. д-р Кристина Николовска.
Со избрани зборови, секако инспирирани од поезијата на Левчев ,Николовска во нејзиниот книжевно-критички осврт за делото на еден од назначајните поети во Бугарија од 20. век, го посочи оној „раскошен херменевтичар, оној расен толкувач на феномените, неуморен растајнувач, разбиструвач, оној љубопитник, ненаситник на сласта во зборот, оној благороден мудроносник и хуманист“, потенцирајќи ја димензијата на поетот „…кој сите нè вдоми во својата благородна љубов кон поезијата и ја прогласи поетска Струга за мајка на поезијата, а Македонија – република на поезијата!“.
Николовска го портретираше Левчев како врвен поет, виден романсиер, есеист, историски публицист, филозофски мислител, висок општестеник и културен придвижник, заменик министер за култура, член на најугледни академии на уметноста, науката и културата во светот… или, едноставно, како творец кој велел дека „Светот е начин на изразување“. Николовска ги потсети присутните дека Левчев во неговото незаборавно Послание како луреатот на Струшните вечери на поезијата во 2010 година восхитено вели: „Сум се замајувал неброени часови во магијата со којашто светиот Охрид и светата Струга на тукушто родениот Дрим му допуштаат да премине низ светото Езеро, да го сочува својот речен тек и својата изговорена мисла, да воскрене на другиот брег. Можеби тоа е истата онаа магија која ѝ дава сила и на поезијата да помине низ животот и него да го пресоздаде во легенда или во историја.“
Во завршната реч Николовска посочи дека Левчев изврши голема мисија во поезијата и направи важна редефиција на поимот поезија:
Моќно, спокојно, стабилно. Кон ново: Стиховидение… Стихопровидение… На свој, неповторлив начин, вели Николовска.
Таква беше и извонредната интерпретација на поезијата на Левчев на театарскиот режисер и актер Ѓорѓи Ѓорѓиев-Антика на бугарски јазик и на македонски јазик, препеана од Бранко Цветковски. Најдобрата посвета за еден инспиративен поет како Левчев можеби е настанот што следеше: дваесетина поети од Македонија и Бугарија на присутните им го претставија својот свет, сочинет „само“ од поезија.
Анжела Димчева, Бранко Цветковски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Зоран Јакимовски, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева-Златева, Лидија Размоска-Тримовска, Маја Панајотова, Петар Андасаров, Јовица Тасевски-Етернијан, Надја Попова, Атанас Капралов, Евгени Велев, Наталија Недјалкова и Марина Мијаковска, секој со различен стил и ритам, но во ист творечки здив, ги почестија присутните со стиховите од кои е создаден тој поетски свет.
Би рекле, подобриот свет.