Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја повтори поддршката на Франција за отворање на преговорите за пристап на Украина во Европската унија, кои во моментов се блокирани од Унгарија.
За време на телефонскиот разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски, Макрон го поздрави усвојувањето во украинскиот Парламент на 8 и 9 декември на „неколку текстови на закони, кои конкретно се однесуваат на правата на националните малцинства, судските реформи и борбата против корупцијата“, соопшти Елисејската палата.
-Украина на тој начин ја покажува својата решеност веднаш да одговори на препораките што и беа дадени од Европската комисија, додаде француското претседателство.
Во четврток и петок шефовите на држави и влади на ЕУ треба да донесат одлука за започнување преговори за пристапување на Украина.
На платформата „X“, Зеленски посочи дека го информирал својот француски колега за воените случувања на линијата на фронтот.
-Разговаравме за нашите приоритетни потреби и за следниот пакет француска воена помош што значително ќе ја зајакне украинската огнена моќ, напиша Зеленски.