Потпретседателот на СДСМ Бојан Маричиќ се заблагодари на довербата од делегатите на Конгресот на СДСМ, и истакна дека му претставува чест и мотивација да биде кандидат за пратеник во изборната единица 1.
„Членовите и поддржувачите на СДСМ, демократите, прогресивните, тоа се граѓаните кои се борат за европски вредности и кои се бореа за сите позитивни промени од независноста наваму. Затоа, со сето знаење, со цела сила и моќ ќе ги водиме овие избори кон победа за европска иднина за сите нас. Нема откажување, намало и нема да има“, потенцираше Маричиќ.
Тој додаде дека полноправно членство во ЕУ за Северна Македонија е нашата мисија која ќе ја исполниме до 2030 година.
„Низ кампањата пред нас ќе го чуеме секој македонски граѓанин и пред секого ќе го презентираме нашиот план за европска Македонија.
Да не ја бараме Европа надвор од нашите домови, да ја стигнеме ЕУ надградувајќи го нашето општество по европски стандарди. Темелите се: Продолжување и завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година! Повеќе ЕУ фондови за посилна македонска економија! Повеќе антикризни мерки за граѓаните! Нови енергетски капацитети за поевтина струја! Рестриктивни мерки и високи казни за корупцијата! Македонски јазик и идентитет во ЕУ“, заклучи Маричиќ.