Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, за документот „Унапредување на постепената интеграцијата на Западен Балкан“, вели дека Австрија, која е константен поддржувач на нашата евроинтеграција и која се залага за активирање на политиката на проширување која долго стагнира, со овој „нон-пејпер“ бара суштинско забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.
Во изјавата за Рацин.мк Маричиќ потенцира дека е „веќе јасно дека ЕУ од зборови преминува на дела и дека е цврсто решена и приврзана за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, вклучувајќи ја и Северна Македонија“.
„Во вистинско време за нас се праќа ваков сигнал и конкретни чекори кои треба да нè мотивираат да не губиме време и да ги завршиме процесите дома. Ако досега велиме дека сме можеле и побрзо и повеќе да направиме реформи во некои области, сега ЕУ се вклучува и нуди конкретни чекори како да успееме за да го фатиме следниот бран на проширување на ЕУ, кој треба да се случи до 2030 година“, истакнува во изјавата вицепремиерот задолжен за европски прашања Маричиќ.
Сите прашања кои ни се потребни за напредок, нагласува Маричиќ, треба да ги завршиме сега кога целиот процес влегува во една специфична фаза во која многу внимание ЕУ посветува на државите кандидатки.
„Затоа сега е момент да бидеме храбри и со одлучни чекори да ги забрзаме преговорите со ЕУ, не е момент да излегуваме од процесот“, посочува вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, за документот „Унапредување на постепената интеграцијата на Западен Балкан“.
Инаку повеќе деталји за документот „Унапредување на постепената интеграцијата на Западен Балкан“ може да се прочитаат во интервјуто на Рацин.мк со австрискиот амбасадор по наслов „[ВИДЕО] Памер: Заслужувате членство, уставните измени до изборите се чекор до интеграција со првото проширување на ЕУ, не одлагајте“ што беше објавено денеска.