На само 16 години, Меланија Грозданова веќе е едно од најгласните имиња во женскиот фудбал во Македонија – најмладиот голгетер со репрезентативен настап и девојка што ја руши секоја бариера поставена пред неа.
Меланија ја започнува својата приказна таму каде што ретко почнуваат девојчиња – на тренинг со машки. Од осумгодишна возраст ја држи топката до нога, и покрај тоа што околината ѝ повторувала дека фудбалот „не е за девојчиња“. Но таа не застанала. Пет години тренирала со момчиња, градеше техника, брзина и храброст, а потоа преминала во женски клуб.
„Ме исмејуваа, но ако го правиш тоа што го сакаш – никој не може да те сопре“, раскажува Меланија.

На терен е борец, а надвор од терен – тивка, нежна, срдечна. Својата најголема сила ја чувствува од дедо ѝ, кој починал, но за неа и денес е најголема мотивација: „Знам дека ми дава сила од горе.“
Годинава го направи и најголемиот чекор – дебитираше за А репрезентацијата на само 16 години, како најмлада во тимот. „Чест и огромна гордост“, вели таа, благодарна што селекторот Александар Рандов ѝ дал шанса – шанса што ја искористи максимално.
Во Љуботен ја заокружи полусезоната со осум голови, а најдраги ѝ се погодокот против Словенија и двата гола на својот дебитантски натпревар по трансферот. И како шпиц и како крило – еднакво опасна. Непогрешлива.
„Кога ќе ги спојам брзината, контролата на топката и храброста – сум незапирлива.“

Сон ѝ е да заигра во голем европски клуб, а рутината веќе ја гради како професионалка: утрински тренинг во теретана, училиште, па веднаш во Тетово на клупски тренинг – без изговори, без пауза.
„Сè што досега сум постигнала не ми значи ништо – бидејќи знам дека ќе има уште многу повеќе“, вели Меланија со зрелост што ретко ја има во нејзини години.
Ова е приказната на девојка која не дозволи никој да ѝ го дефинира патот. Девојка која докажа дека фудбалот не е „машки“ спорт – туку спорт за сите што имаат храброст да сонуваат.

