Северна Македонија во изминатата деценија се соочи со значителни предизвици поврзани со Манипулации со информации и опструкции од странство (ФИМИ). Иако некои од главните елементи се внатрешни, односно се однесуваат на слаб медиумски професионализам и политички превирања, недостатокот од кохерентен одговор од целото општество му овозможи на ФИМИ да влијае врз развојот на земјата и од неодамна особено да влијае врз меѓуетничките односи, се вели во најновиот аналитички извештај на Фондацијата Метаморфозис.
Во извештајот е посочено дека во последната деценија, државните институции не беа многу активни во спротивставувањето на странските малигни влијанија и дезинформации, иако во 2019 година Владата покажа одредени напори со предлагање конкретен план.
„Собранието на Република Северна Македонија, од друга страна, беше неактивно за време на целиот процес и досега не го разгледало прашањето на ФИМИ на ниту една комисиска седница. Во моментов, најмалку пет собраниски комисии имаат мандат да се занимаваат со прашањата на ФИМИ, но само Комисијата за одбрана и безбедност покажа таков интерес“, пишува Фондацијата Метаморфозис.
Оттаму додаваат оти досега, само граѓанските организации беа целосно ангажирани во спротивставувањето на ФИМИ, не само со проверка на факти и разоткривање дезинформации, туку и со иницијативи за стратешки и општествен пристап кон тоа ФИМИ да се третира не само како медиумски проблем, туку и како безбедносно прашање. Фондацијата Метаморфозис се најде во првите редови на овие напори, иницирајќи серија препораки за различни чинители, вклучително и за Владата, со поддршка од сите релевантни медиумски здруженија и граѓански организации.
Во извештајот се предупредува дека сегашните тактики на ФИМИ се стремат кон тоа да го поткопаат Охридскиот рамковен договор од 2001 година создаден да обезбеди мирни односи меѓу етничките групи.
„Манипулативните наративи ја прикажуваат интеграцијата во ЕУ како закана за македонскиот идентитет влевајќи страв од губење на идентитетот кај етничките Македонци“, се вели во извештајот на Метаморфозис.
Оттаму посочуваат оти за да се заврши почетната фаза на преговорите за членство во ЕУ, земјата треба повторно да го промени Уставот и да ја додаде бугарската нација, ставајќи ја на рамна нога со другите нации наведени во Преамбулата. Покрај македонскиот народ, во Преамбулата сега се вклучени албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ и ромскиот народ. Претходната влада веќе предложи решение: да се додадат „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египетскиот народ“. Меѓутоа, поради тоа што две третини од пратениците треба да гласаат „за“ промена на Уставот, предлогот досега не е закажан за дискусија затоа што претходната владејачка коалиција имаше тенко мнозинство во Собранието. Од друга страна, на сегашната владејачка коалиција ѝ недостигаат само два гласа за да обезбеди двотретинско мнозинство.
Според Метаморфозис, наративот околу меѓуетничките односи е дека етничките Албанци во Северна Македонија ќе имаат повеќе придобивки од членството во ЕУ, додека пак, Македонците ќе го изгубат својот идентитет. Некои екстремни и антизападни политички актери ризикувајќи засилени етнички поделби и нестабилност редовно го користат овој наратив.
„Кон проблемот придонесе и политичката реторика. Премиерот Христијан Мицкоски се потпира врз овој наратив во своите јавни говори, што е многу загрижувачко. Неодамнешните изборни кампањи забележаа пораст на антиалбански чувства и поделбени наративи од партиите како ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство) и Левица. Некои политички партии на етничките Албанци, исто така, се потпираа врз наративот на етничка припадност, такви беа ДУИ (Демократска унија за интеграција) и АА (Алијанса за Албанците). Овие наративи дополнително го поларизираат населението и поттикнуваат недоверба во западните институции“, стои понатаму во извештајот.
Дополнително, се вели оти дезинформациските кампањи максимално ги искористуваат медиумските канали и платформите на социјални медиуми со ограничена регулација експлоатирајќи ги празнините во информацискиот простор.
Во однос на кибер-безбедноста се оценува оти и понатаму е важен предизвик.
„Националната стратегија за кибер-безбедност е недоволно развиена и недоволно внимание е посветено на новите закани меѓу кои е и вештачката интелигенција. Ова ја прави Северна Македонија чувствителна на понатамошна експлоатација од злонамерни актери“, пишува во извештајот.
За справување со овие закани од Фондацијата Метаморфозис посочуваат оти е важно националните и европските институции да се фокусираат на:
- Развој на сеопфатна регулатива конкретно насочена кон ФИМИ. Ова вклучува зајакнување на медиумската регулација и обезбедување на транспарентност и слобода на говор. Од клучно значење е да се назначи собраниска комисија со јасен мандат да ги надгледува прашањата поврзани со ФИМИ и да обезбеди ефективно спроведување на противмерките.
- Строго регулирани и транспарентни кампањи за подигање на јавната свест и едуцирање на граѓаните за странско штетно влијание и промовирање медиумска писменост и критичко мислење што ќе помогне во градењето на општествена отпорност.
- Европските институции треба да ја поддржат Северна Македонија преку обезбедување техничка помош за создавање и имплементација на против-ФИМИ регулатива.
- Подобрување на соработката во врска со кибер-безбедноста и справување со заканите поврзани со вештачка интелигенција преку проекти финансирани од ЕУ.
- Продолжување на претходните иницијативи од граѓанскиот сектор и создавање основа за систематски пристап кон спротивставување со ФИМИ. Собранието на Република Северна Македонија треба да го води овој процес.
- Поттикнување на регионални дијалози и охрабрување на соработката помеѓу Северна Македонија и нејзините соседи.
- Исто така, важно е ЕУ да обезбеди процесот на интеграција да остане транспарентен и да ги поддржува напорите на Северна Македонија за борбата против ФИМИ, а истовремено да се осврне и на загриженоста за националниот идентитет и интеграцијата.
„Факт е дека заштитата на стабилноста и општествената сплотеност во Северна Македонија бара координирани напори и од националните и од европските институции“, се посочува во извршното резиме на извештајот насловен како „Стабилноста под закана – ФИМИ во Северна Македонија.