Мицкоски бара од Савески да ги отвори предметите што „се чувале во фиока“

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува новиот државен јавен обвинител Ненад Савески да ги отвори предметите кои, според него, со години стоеле во фиока и да провери дали постои основано сомнение за организиран криминал. Изјавата ја даде на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на прашање од пратеничката Силвана Ангелеска.

Во одговорот, Мицкоски рече дека од Савески лично очекува да расчисти како, како што наведе, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева додека била во затвор ги активирала предметите во судството. Тој побара да се утврди и врз кои докази се воделе постапките за „27 април“, како и колкави биле бонусите на обвинителите од СЈО.

Премиерот рече дека Владата често ги разгледува извештаите на Државниот завод за ревизија и дека, ако во нив се констатира дека предмети не се процесирале, тогаш очекува тие случаи да бидат повторно отворени и анализирани. Според него, станува збор за голем број предмети доставени до обвинителството кои не биле процесуирани.

Во истата изјава, Мицкоски упати јавен апел до Савески да отвори истрага секогаш кога ќе има сомнение за криминал, без разлика за кого станува збор, вклучително и ако се работи за член на Владата. Тој рече дека не смее да има повластени и дека јавноста треба да добие јасна информација за тоа што се случувало со тие предмети.

Зачлени се на нашиот е-билтен