Соња ТАНЕСКА
Изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ повторно се актуелизираше на средината на месецот по средбата на премиерот Мицкоски со поранешен американски разузнавач. Иако не прецизираше каква врска има Ричард Гренел – екс шефот на американското разузнавање во времето на Трамп, со инвестицијата во „Чебрен“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека со американскиот дипломат имал плодна и успешна неколкучасовна средба, на која разгледале многу опции и можности.
Средбата била во насока на идејата да се собираат информаци од кредибилни партнери за нивно учество во вакви стратешки проекти, но тие разговарале и за изградба на нуклеарна централа во Мариово, проект кој се спомнувал и во минатото, дознава Рацин.мк од извори од енергетскиот сектор.
Овој состанок меѓу македонскиот премиер и американскиот дипломат, кој дел од американските медуими го опишуваат како контроверзен пратеник на Трамп, беше втор во краток период откако двајцата се сретнаа во САД за време на годишнината на НАТО. Освен со Мицкоски, Гарнел одржува чести комуникации и со српскиот претседател Вучиќ и унгарскиот шеф на државата Орбан, а веќе знаеме дека унгарскиот претседател потпиша договор за нуклеарна соработка со Кина, која пак во моментот е лидер во изградбата на мали нуклеарни централи. Како плод на посетата на кинескиот претседател Си Џипинг во мај годинава беа потпишани уште 17 други договори, по што во Македонија прво дојде најавата за инвестиција на унгарскиот оператор „4ИГ“ кој пак склучи договор со кинески „Хуавеи“ а и Мицкоски најави унгарски инвестиции во полето на енергетиката. Земјава е во исчекување на фамозниот унгарски кредит кој од една милијарда евра, прво се преполови, а сега пак и тие 500 милиони евра би ги добиле на две рати, но се уште не знаеме која е вистинската цена?
За изградбата на „Чебрен“, Мицкоски во предизборието беше дециден дека треба државата да има ваква акумулација и дека треба да се обезбедат средства и сами да го градиме овој објект, и постојано ја критикуваше претходната Влада околу преоктот грчка компанија да ги гради хидроцентралите на Црна река.
Сепак сега, од позиција на власт, за Мицкоски, производството на струја од Чебрен е четвртиот приоритет, а по средбата со Гренел тој рече дека анализите ќе покажат дали ќе се гради со стратешки партнер или државата ќе обезбеди пари, па самата ќе го изгради, а ова било дел и од разговорите со Гренел.
Гренел неодамна и на мрежата икс напиша дека Републиканците отсекогаш поддржуваат обновливи извори на енергија, но дека не сакаат да се ослободат од нафтата, гасот или нуклеарната енергија.
Во меѓувреме скокнати се и цените на градба и цените на киловат електрична енергија, но за жал, многу е намален и хидропотенцијалот на Црна Река. Сублимирано, поради одлагањето на изградбата на „Чебрен“, милијарди евра наши пари неповратно ни се одлеале низ пустите клисури на Мариово.
Енергетската јавност со поделени мислења
Според дел од енергетичарите Северна Македонија е мала држава со ограничен човечки потенцијал и немаме соодветен кадар за таков проект, но и Европската унија можно е да против изградба на нуклеарна централа. Тие додаваат дека ваков проект се актуелизирал и во времето на владата на најпознатиот премиер бегалец Никола Груевски, кога имало и посебен оддел во ЕЛЕМ за развивање нуклеарна енергија.
Професорот Константин Димитров пак, смета дека тоа е добар проект но дека требаат минимум 10 години за да се започне изградбата. Тој беше жесток критичар ХЕЦ „Чебрен“ да ја гради грчкиот „Мителенеос“ и тврдеше дека имаме капацитет сами да го изградиме и дека тоа е проект којшто треба да го обедини општеството. Иако Димитров бараше и донесување на закон државата да ги гради Чебрен, Галиште, Скочивир т.е. да се реши интегрално програмата со сливовите на реките каде Црна река е дел од Вардарска долина, којшто не може да се менува без разлика која влада и да дојде, сега вели дека не е толку проблематично и да има инвестиции, но државата да е доминантен сопственик.
-Во склоп на акумулациите како „Тиквеш“„Чебрен“ и „Галиште“ на Црна река може да се изгради нуклеарна централа во Мариово, локацијата е соодветна, а ваков проект се разгледуваше и во Југославија но ако се гради нуклеарна централа или пак било која централа на овие реки државата да биде доминантен сопственик со 51 процент, вели Димитров во разговорот за Рацин.мк.
И Кина сакаше да гради неуклеарна централа во земјава
Во 2016 година тогашната кинеска амбасадорка Хуо Јуџен, специјален престваник на секретаријатот на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа најави дека Кина ја истражува можноста за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Според нивниот план до 2030 година Кина требаше да изгради 30 нуклераки. Tаков проект се реализира во Полска и во Чешката република, а сличен договор беше потпишан во мај и меѓу унгарскиот лидер Виктор Орбан и кинескиот претседател Си Џипинг.
Нуклеарна централа во Мариово не е нов проект
Повеќе од 50 години Македонија ја чека изградбата на мариовската хидроцентрала „Чебрен“ која по своите перформанси би требало да биде најголема во земјава. За тој период (грубо сметано) се потрошени повеќе од три милијарди евра за увоз на електрична енергија од странство или средства доволни за изградба барем на пет хидроцентрали од ваков тип.
Во минатото изградбата на „Чебрен“ се поврзувала со изградбата на нуклеарна централа во Мариово, но во овој момент е проект што е анализиран сам од себе, односно со оптимизација на работата заедно со постојната ХЕЦ „Тиквеш“ и евентуална изградба во иднина на ХЕЦ „Галиште“.
Придонесот на „Чебрен“ и на „Галиште“ во електроенергетскиот систем на Македонија би изнесувал околу 400 милиони киловат часови електрична енергија годишно. Тие би учествувале со 5 отсто од денешните потреби за електрична енергија, но нивниот придонес е позначаен како вршна енергија која може да се пласира во периоди на висока тарифа.
Уште поголема корист може да се добие од нив како капацитети со висока инсталирана моќност, кои би ги компензирале брзите варијации и непредвидливоста на обновливите извори на енергија од фотоволтации и од ветерни паркови.
Познато е дека производството на електрична енергија зависи од техничките карактеристики на браната како: висината, инсталираниот капацитет, режимот на работа, дали ќе биде реверзибилна или не. Но, генерално се проценува дека производството на електрична енергија од „Чебрен“ би се движело во границите од 870 до 1 140 гигават часови. Изградбата на оваа централа, во согласност со претходните студии, се проценува на 7 до 8 години, а поврат на инвестицијата за период од 25 до 30 години.