Кога Христијан Мицкоски на 22 март излезе пред јавноста и најави дека Владата го намалува ДДВ за бензините и дизелот од 18 на 10 отсто, пораката беше политички јасна: државата интервенира за да спречи нов ценовен удар. Премиерот тогаш кажа дека без оваа мерка бензинот 95 и 98 би скокнале од 86,5 и 88,5 денари на 93 и 95 денари, а дизелот од 92 на 102,5 денари за литар. Во истата изјава тврдеше дека со намалениот ДДВ бензините би останале речиси на исто ниво, а дизелот би поскапел само околу 3,5 денари.
Но проблемот е што политичката најава дојде пред целосно да се затвори регулаторната процедура. „Слободен печат“ со право го отвори прашањето дали се избрза со соопштувањето, бидејќи дури на 23 март РКЕ го измени правилникот за формирање на цените на нафтените деривати и формално ја вгради новата стапка на ДДВ од 10 отсто во параметрите за пресметка. Во образложението на РКЕ јасно стои дека промената на ДДВ директно влијае врз границата за отстапување на маржата, односно врз самото заокружување на највисоките малопродажни цени.
Токму тука е суштината на целата приказна: Владата прво ја испрати политичката порака дека го спасува стандардот, а дури следниот ден РКЕ ја допрецизираше техничката рамка по која тоа може да се претвори во конечна цена на пумпите. Со истата измена, регулаторот си отвори и можност меѓу две редовни седници да носи вонредни одлуки ако се сменат даноци, такси или надоместоци што влегуваат во пресметката. Тоа значи дека не станува збор само за едно намалување на ДДВ, туку и за признавање дека во услови на ценовен шок веќе не е доволен класичниот неделен ритам на одлучување.
Во меѓувреме, од Владата дополнително беше кажано и дека е прогласена кризна состојба, нешто што не беше јасно нагласено во првичната прес-конференција, а токму тоа отвори простор за прашања дали комуникацијата одеше побрзо од процедурата. Со други зборови, мерката можеби е реална и насочена кон ублажување на ударот, но начинот на кој беше соопштена остави впечаток дека политичката одлука сакаше да стигне пред институционалното дообјаснување. А кога станува збор за гориво, граѓаните најмалку ги интересира кој прв излегол пред камерите, а најмногу дали бројката на таблата навистина ќе биде пониска.
