Мицкоски во Струга зборува за градње, а цел град е дупка до дупка

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Струга порача дека градот „се гради и развива“ и дека ќе биде меѓу главните приоритети на Владата во годините што следат.

Настапот доаѓа во период кога Владата и локалната власт како еден од клучните инфраструктурни зафати ја истакнуваат изградбата на собирната улица „Туристичка“, проект вреден 135,85 милиони денари, за кој институциите тврдат дека е во работна фаза.

Дополнителен проблем остануваат првенствено главните улици во центарот на градот како што се Елпида Караманди, Македонска, Пролетерски Бригади, Мирче Ацев и други, кои последен пат виделе асфалт далечната 1973 година кога е поставен канализационен систем.

„Туристичка“ со години е симбол на струшките инфраструктурни проблеми. Уште во 2022 година беше нотирано дека за една од главните сообраќајници во градот нема решение и дека ветувањата за реконструкција остануваат неисполнети, а дури во октомври 2025 Општина Струга соопшти дека е избрана најповолна понуда и дека на терен почнуваат градежни активности за конечно уредување на тој потег.

Контрастот меѓу политичките пораки за развој и секојдневните проблеми во градот останува видлив и надвор од патната инфраструктура. Само минатиот месец Струга повторно се соочи со комунален проблем, откако од локалното јавно претпријатие беше соопштено дека водата од изворот „Шум“ и натаму не е безбедна за пиење.

Во таков амбиент, најавените инвестиции за граѓаните ќе се мерат не според говорите, туку според тоа колку брзо старите проблеми навистина ќе исчезнат од градот.

Зачлени се на нашиот е-билтен