Грција отсекогаш беше протагонист во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан, го поддржува и охрабрува пристапот, но постојат и одредени правила како што е владеењето на правото, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел, говорејќи за проширувањето на Унијата и односите со Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ, Мицотакис повтори дека прашањето со притворениот градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белерис, не е билатерална разлика со Албанија, туку се работи за владеењето на правото.
– Сакам да потсетам дека Декларацијата од Солун од пред 20 години, го носи грчкиот печат. Ние бевме први кои го ставивме на агендата приближувањето на Западен Балкан кон Европа и сме меѓу првите кои постојано го охрабруваме ова приближување. Но, ова приближување има одредени правила. Тоа е процес каде што секоја земја се оценува поединечно за напредокот што го прави во низа прашања, вклучително и прашањата за владеење на правото. А за нас, прашањето за избраниот градоначалник на Химара, Фреди Белерис, во основа е прашање на владеење на правото. Тоа не е едноставно билатерална разлика што Грција ја има со Албанија. Она што го бараме е очигледното: да се признае дека Фреди Белерис е легално избран за градоначалник, истакна Мицотакис.
Објасни дека не се мешаат во работата на судството во Албанија, но станува збор за избори на кои победи Белерис и „не може да ги преземе своите должности бидејќи моментално е во затвор бидејќи против него се покренати некои обвиненија“ и дека треба да се почитува волјата на граѓаните на Химара.
-Ние сè уште работиме на решавање на ова прашање, за да може и Албанија да покаже дека во едно критично прашање, бидејќи ова прашање е критично за нас и се однесува на почитување на националните малцинства, ги има преземено неопходните чекори кои сите ги бараме од земја која претендира да ги започне пристапните преговори со Европската унија, порача грчкиот премиер.