Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, со ставот дека лично нема ништо против внесувањето на Бугарите во Уставот, отвори јасна политичка пукнатина меѓу сопственото уверување и линијата што досега ја бранеше партискиот врв. Во интервју за „Студио 10“ на 24 телевизија, Цеков порача дека не само што нема отпор кон уставните измени, туку и дека би гласал за нив, со што директно се оддалечи од формулата што со месеци ја турка претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
„Немам ништо против и да гласам за уставните промени. Јас лично немам ништо против тоа бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Исто така имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи, сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници“, изјави Цеков.
Со ова, тој практично ја отвори дилемата дали во ЗНАМ постои единствен став за една од најчувствителните теми во македонската политика. Додека Димитриевски во кампањата бараше внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата да има одложено дејство, односно да важи дури кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија, Цеков сега зборува за попрагматичен и похрабар пристап во сегашниот политички момент.
„Јас имам малку поинаков став. Доколку постојат реални пречки по идентитетски или други основи, согласно Уставот, со 81 пратеник можеме да ги стопираме. Се прашувам: која е другата алтернатива? За да има промена, преговарачката рамка треба да ја согласат сите 27 земји членки. Дали ќе се согласат? Не знам, бидејќи нашите партнери ветуваат дека ќе има промена на преговарачката рамка, но не знам дали е изводливо. Тука се поставува прашањето што правиме понатаму, затоа што и младите се прашуваат: до кога ќе бидеме во ваква состојба?“, рече Цеков.
Токму тука е и суштината на неговата порака. Наместо политика на чекање и условување, тој нуди логика на политичка пресметка со реалноста. Ако патот за промена на преговарачката рамка е неизвесен, ако за тоа е потребна согласност од сите 27 земји членки, а државата веќе предолго стои во место, тогаш, според неговата аргументација, прашањето не е што сакаме да слушнеме, туку што е воопшто изводливо.
Цеков затоа евроинтеграциите ги поставува како стратешки императив, а не како тема за дневна мобилизација. Според него, Македонија мора да настапи појасно, попрагматично и без конфронтација, и дома и со соседите, ако сака да излезе од сегашната состојба на политичко тапкање во место. Во таквиот пристап има и јасна критика на досегашниот модел, во кој јавноста долго време се храни со ветувања дека ќе се отвори некакво подобро решение, без притоа да се објасни како точно државата ќе стигне до него.
„Европските челници јасно укажаа дека за да има промена на патот кон ЕУ, односно за вториот обид за ‘без право на глас’, треба да има промена на договорот, што реално е неизводливо. Оттука се поставува прашањето кој е нашиот јасен пат кон европските перспективи. Се надевам дека во иднина четирите главни чинители во државата ќе нè известат, пратениците, кој е тој пат, како ќе стигнеме до него и што ќе правиме во однос на ЕУ интеграциите, затоа што оваа лимбо-состојба е неодржлива“, додаде Цеков.
Со ваквите изјави, пратеникот на ЗНАМ не отвори само дебата за уставните измени, туку и прашање за внатрешната кохезија на сопствената партија. Затоа што кога еден пратеник јавно вели дека би гласал за решение што лидерот го условува со одложена примена, тоа веќе не е нијанса, туку политичка разлика. А во тема како што се уставните измени, секоја таква разлика веднаш станува порака и кон Брисел, и кон Софија, и кон домашната јавност дека во македонскиот политички блок сè уште нема заеднички одговор на прашањето како да се излезе од европскиот ќорсокак.