Молдавија доби нова влада предводена од инвеститорот и политички дебитант Василе Тофан, кој најави економски реформи и забрзување на преговорите за членство во Европската Унија. Неговиот кабинет доби поддршка од 53 пратеници во парламентот со 101 место.
Против новата влада гласаа 21 пратеник, додека уште 21 беа воздржани. Поддршката дојде од владејачката Партија за акција и солидарност, која ја поддржува и претседателката Маја Санду.
Тофан и членовите на неговиот кабинет денеска положија заклетва во претседателската палата во Кишињев, во присуство на Санду и претседателот на парламентот Игор Гросу.
Новиот премиер до неодамна беше висок партнер во инвестициската компанија „Хорајзон капитал“, со седиште во Киев. Тој има завршено бизнис-администрација на Харвард и јавна администрација на Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам.
Тофан влегува во политиката без претходно искуство на избрана или висока државна функција. Пред гласањето изјави дека нема долгорочни политички амбиции и дека сака мандатот да го заврши со резултати со кои ќе може да се гордее.
Програмата на новата влада го носи името „Европска економија, ефикасна држава“. Таа се темели на економско заживување, европска интеграција, дигитализација на институциите, зајакнување на владеењето на правото и подобрување на животниот стандард.
Тофан најави дека Молдавија ќе се обиде да го потпише договорот за пристапување кон Европската Унија до крајот на 2028 година и да биде подготвена за членство до 2030 година. Владата планира во текот на годинава да ги отвори сите преостанати преговарачки области со Унијата.
Во економскиот дел од програмата се предвидуваат даночни реформи, намалување на административните пречки и полесен пристап до финансии за компаниите.
Новиот кабинет планира да го намали буџетскиот дефицит, да приватизира најмалку десет државни компании и да привлече поголеми инвестиции во технологијата и вештачката интелигенција. Меѓу приоритетите се и зголемување на извозот со повисока додадена вредност и намалување на сивата економија.
Тофан доаѓа на чело на владата по неочекуваната оставка на Александру Мунтеану, кој се повлече по само осум месеци на функцијата. Мунтеану не наведе конкретна причина, туку соопшти дека повеќе не може да го извршува мандатот во согласност со своите принципи и убедувања.
Промената на власта се случува во чувствителен период за Молдавија, која се обидува да го забрза европскиот пат додека се соочува со економски притисоци, последиците од војната во соседна Украина и постојаната политичка борба меѓу проевропските и проруските сили.
