Регионалната медиумска мрежа SafeJournalists изрази сериозна загриженост поради изјавите на албанскиот премиер Еди Рама во врска со улогата, финансирањето и иднината на јавниот радиодифузен сервис на Албанија – RTSH.
Во соопштението се наведува дека особено загрижува нормализирањето на идејата за „затворање“ на јавниот сервис како јавна и легитимна опција, што, според мрежата, претставува опасен преседан за медиумските слободи.
На состанок со пратеничката група на Социјалистичката партија, Рама изјавил дека јавниот медиум треба да се реформира и дека државата повеќе нема да го финансира доколку не покаже „реални резултати“ и „одговорност кон јавните пари“.
Според SafeJournalists, премиерот го оценил RTSH како неуспешна институција, го довел во прашање легитимитетот на јавниот сервис и посочил дека финансирањето треба да биде укинато сè додека медиумот не го „заслужи“.
Дополнително, Рама изјавил дека треба да се разгледаат сите опции за иднината на јавниот сервис, вклучително и приватизација или целосно затворање.
Од мрежата потсетуваат дека мандатот на јавниот сервис не се темели на пазарна логика или политичко одобрување, туку на обврската да служи во јавен интерес, да обезбеди плуралистичко информирање, културна и образовна содржина и да функционира независно од политички и комерцијални влијанија.
„Поврзувањето на опстанокот или финансирањето на јавниот сервис со политички проценки за неговата ‘вредност’ претставува сериозна закана за слободата на медиумите“, се наведува во реакцијата.
Во контекст на евроинтеграциите на Албанија, особено во рамките на Кластерот 1, каде што медиумските слободи и демократскиот надзор се клучни критериуми, стабилен и независен јавен сервис е неопходен елемент на демократското општество, нагласува SafeJournalists.
Мрежата ги повика албанските власти јасно да ја потврдат својата посветеност кон европските стандарди за јавни медиуми и да обезбедат секоја дискусија за реформа на RTSH да се води со целосно почитување на слободата на изразување, новинарската независност и правото на јавноста на информирање.