Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На денешен ден е објавена „Бели мугри“ од Кочо Рацин, стихизбирката што го означи создавањето на современата македонска книжевност

На денешен ден во 1939 в Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излезе од печат збирката песни “Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци.

Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за благороден културен натпревар со другите народи во светот.

Со „Бели мугри“ се отвори патот за современата македонска книжевност, а Кочо Рацин стана еден од основоположниците на современата македонска литература.

Зачлени се на нашиот е-билтен