Под слоганот „Знаењето е моќ“, студентите во блокада организираа протест пред седиштето на Универзитетот во центарот на Белград, изразувајќи револт против, како што велат, колапсот на образовниот систем и обидите за политичка контрола врз универзитетите.
Протестот се одржа на големиот верски и национален празник Свети Сава, кој традиционално се одбележува како ден на образованието во Србија. Студентите порачаа дека токму симболиката на празникот ја користат за да укажат на загрозената автономија на универзитетите и притисоците врз академската заедница.
„Ова се најсуровите форми на конфронтација со универзитетот“, порачаа студентите преку објава на Инстаграм, обвинувајќи ја власта за директно мешање во високото образование.
Тие посочуваат на притисоци врз професори, откази и, како што велат, реваншизам кон оние што ги поддржувале студентските протести кои траат повеќе од една година, започнати по трагедијата во Нови Сад, кога при пад на настрешница загинаа 16 лица.
Бојкот на наставата и поддршка од повеќе факултети
Протестот беше проследен со повици за бојкот на наставата на повеќе белградски факултети, меѓу кои Правниот, Филозофскиот и Факултетот за политички науки. Солидарност изразија и студентите од Нови Сад, каде што поголем дел од високообразовните установи ја прекинаа наставата.
Студентите бараат враќање на професорката Јелена Клут од Филозофскиот факултет, која, според нив, била отпуштена поради поддршката што им ја дала за време на протестите. Универзитетската управа, пак, тврди дека отказот бил во согласност со процедурите.
Бојкотот следеше по полициската интервенција на Универзитетот во Нови Сад на 21 јануари, што дополнително ги заостри односите меѓу студентите и институциите.
Завршница пред Храмот „Свети Сава“
Протестната прошетка заврши во дворот на Храмот „Свети Сава“, каде студентите одржаа симболичен чин – делење жито и кршење погача, во духот на празникот. Во моментот на нивното пристигнување, вратите на храмот беа затворени.
Студентите порачаа дека протестите ќе продолжат сè додека, како што велат, образованието не се врати во рацете на академската заедница, а не на политиката.