Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нагорно-Карабах: Голем број загинати и повеќе од 300 повредени цивили во експлозија во складиште за гориво, расте бројот на бегалци

Во експлозија во складиште за гориво во Нагорно-Карабах загинаа 20 луѓе, а стотици беа повредени, соопштија локалните етнички ерменски власти, јавува Би-Би-Си, додека Ал Џезира објави дека бројот на загинати цивили е најмалку 68. Речиси 300 луѓе се примени во болниците, а десетици од нив се во критична состојба.

Тоа доаѓа откако ерменската влада соопшти дека повеќе од 28.000 бегалци влегле во земјата откако локалните сили му се предадоа на Азербејџан. Спорниот регион е дом на околу 120.000 етнички Ерменци.

Голема експлозија на складиште за гориво во Нагорно-Карабах, 26.9.2023

Сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата во понеделникот вечерта во близина на главниот град Ханкенди, познат како Степанакерт кај Ерменците.

Бензинските пумпи се преполни додека илјадници луѓе се обидуваат да го напуштат регионот, кој веќе страдаше од недостиг на гориво по повеќемесечната блокада.

Единствениот пат што ја поврзува Ерменија со енклавата е исполнет со стотици автомобили и автобуси, полни со етнички Ерменци кои се обидуваат да стигнат до градот Горис преку границата.

Кривулестиот планински пат од Горис до главниот град на Ерменија, Ереван, исто така беше густ со сообраќај уште пред зори.

Екипа на Би-Би-Си видела семејства натрупани во автомобили, со натрупани багажници на покривот. Убедени дека засекогаш ги напуштаат своите домови, луѓето земаат сѐ што е можно во своите возила.

Нагорно-Карабах, планински регион во Јужен Кавказ, е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е контролиран од етнички Ерменци веќе три децении. Енклавата беше поддржана од Ерменија, но и од нејзиниот сојузник, Русија, која има воена база (мировна мисија) таму во регионот, во последните три години.

Петмина руски мировници беа убиени, заедно со најмалку 200 етнички Ерменци и десетици азербејџански војници, кога армијата на Азербејџан навлезе во регионот минатата недела.

Во неделата, Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека во Нагорно-Карабах е конфискувано големо количество воена опрема, вклучувајќи голем број ракети, артилериски гранати, мини и муниција.

РЦМ / Цивил Медиа

Треба да знаете
Moже да ве интересира