Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Најголемата компанија за дијаманти во светот и нејзиниот директор додадени на листата на санкции на ЕУ поради руската агресија врз Украина

 Советот на ЕУ денеска донесе одлука за воведување дополнителни рестриктивни мерки против едно физичко лице и еден субјект, поради нивните активности за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со оваа одлука на листа на санкционирани физички и правни лица во врска со руската агресија врз Украина се додаваат компанијата „ПЈСЦ Алроса“ и нејзиниот извршен директор Павел Мариничев. 

„ПЈСЦ Алроса“ е најголема компанија за ископување дијаманти во светот и е во сопственост на руската држава. Преку неа се одвива над 90 отсто од целото руско производство на дијаманти и таа претставува важен дел од економскиот сектор кој обезбедува значителен приход на Владата на Русија. 

Денешната одлука се надоврзува на 12-тиот пакет економски и индивидуални санкции поврзани со руската агресија врз Украина, што ЕУ го усвои на 18 декември минатата година, и во чии рамки е воведена забрана за увоз на руски дијаманти, како дел од меѓународно координираната мерка со цел да се лиши Русија од приходи од овој важен сектор. 

На листата на ЕУ на санкционирани поради активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина сега се наоѓаат речиси 1.950 физички и правни лица. На санкционираните им е замрзнат целиот имот на територијата на ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им е забрането да им доделуваат или ставаат средства на располагање. Дополнително, на физичките лица им е забрането патување и влез во ЕУ или транзит низ земјите членки на Унијата. 

Во заклучоците од Самитот на ЕУ, одржан на 14 и 15 минатиот месец, Европскиот совет ја повтори својата решителна осуда на руската агресија врз Украина, како очигледно кршење на Повелбата на ОН и ја потврди својата непоколебливата поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, како и нејзиното право на самоодбрана. 

Лидерите на ЕУ, исто така, ја потврдија и непоколебливата посветеност да продолжат да ги поддржува Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно и го поддржаа усвојувањето на 12-тиот пакет санкции. с

Зачлени се на нашиот е-билтен