Напнато примирје во Газа: Американска делегација во Тел Авив за спречување на нов судир

Американска делегација итно отпатува за Израел со цел да изврши дополнителен притисок за зачувување на мировниот договор. Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и советникот на Белата куќа, Џаред Кушнер, пристигнаа во Тел Авив за да спречат нови нарушувања на прекинот на огнот во Појасот Газа.

Посетата следува по инцидент во кој двајца израелски војници беа убиени во напад изведен од борци на Хамас, на што Израел одговори со серија воздушни напади низ целиот регион.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мировниот договор ќе се почитува, додавајќи дека раководството на Хамас не било вмешано во прекршувањата, туку станува збор за акции на бунтовнички фракции во рамките на организацијата. „Ќе се постапува строго, но правилно,“ порача Трамп.

Израелската армија ги повика борците на Хамас кои се засолниле на источната страна од т.н. Жолта линија – подрачје што се наоѓа под израелска контрола во рамките на примирјето – веднаш да се повлечат, предупредувајќи дека сите што ќе останат таму ќе бидат нападнати без дополнително предупредување.

Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави дека раководството на Хамас ќе сноси одговорност за секој нов инцидент. „Секој што ќе остане во таа зона ќе биде цел на напад, за да се овозможи на израелските сили да реагираат брзо и ефикасно на секоја закана,“ рече тој.

Од друга страна, Хамас тврди дека не стои зад нападот, бидејќи, како што наведуваат, комуникацијата со нивните борци во деловите под израелска контрола е целосно прекината. Израелските медиуми, повикувајќи се на извори од армијата, известуваат дека сè уште има борци на палестинското движење кои се кријат во тунели под израелска контрола.

Европската Унија пак предупредува дека во последните денови загинале десетина палестинци, а повторно е блокирана и испораката на хуманитарна помош за населението во Газа.

Зачлени се на нашиот е-билтен